Најмалку 18 повредени при бомбашки напад врз полициско возило во Турција

Најмалку 18 лица се повредени попладнево при бомбашки напад врз возило на турската полиција во градот Мерсин во јужниот дел на Турција.

Како што соопшти турскиот вицепремиер, Бекир Боздаг, од 18-мината повредени при експлозијата, дури 17 се полициски службеници. Според Боздаг, досегашните резултати од истрагата укажуваат дека станува збор за терористички напад.

Градоначалникот на Мерсин, Бурханетин Коџамаз изјави дека нападот се случил врз автобус на полицијата на една од главните улици во градот, во близина на седиштето на гувернерот на округот.

Според него, ранетите лица при нападот се надвор од животна опасност.

Весникот „Милиет“ објави дека бомбата била поставена на мотоцикл и била активирана со далечински управувач во момент кога крај неа минувал полицискиот автобус. Некои турски
медиуми преходно јавија дека бомбата се наоѓала во контејнер за смет.

Веднаш по инцидентот полициските сили го блокираа реонот, а на местото на нападот пристигнале амбулантни и противпожарни возила. Досега никој не презеде одговорност за поставување на бомбата. Претходно, одговорност за бомбашките напади во Турција преземаа групата Исламска држава (ИД) или Курдската работничка партија (ПКК).