Најмалку 2.000 вработувања во новите фабрики во ТИРЗ Струга-Охрид

Премиерот Никола Груевски на собирот во Охрид истакна дека ллтово ќе биде оперативна и ќе започнат да се градат фабрики во ТИРЗ Струга-Охрид, во која се инвестирани неколку милиони евра и која директоно придонесува за привлекување странски инвестиции и отворање нови работни места.

Првата фабрика која ќе почне да се гради во неа, како што рече, е на германската компанија од автомобилската индустрија ОДВ Електрик, која веќе најави инвестиција во оваа зона во висина од 15 милиони евра и планирани 1000 нови работни места за Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани и пошироко. Оваа компанија која ќе произведува жичани инсталации за автомобилската индустрија веќе работи во браунфилд хала и вработи 60 лица, а до крајот на овој месец ќе го комплетира и вториот инвестициски циклус за набавка на опрема.

-Денес сакам да најавам дека ODW Електрик во јуни започнува и со изградба на својот гринфилд објект во зоната кој треба да биде готов во првите месеци од 2016 година. Сакам да истакнам уште нешто а тоа е дека додека оваа фабрика биде изградена, во браунфилдот во кој веќе се работи бројката на вработени од 60 лица ќе се зголеми за 2 до 3 пати што значи стотина нови вработувања во компанијата до крајот на годината, рече Груевски.

Втора, исклучително важна инвестиција за овој регион е од германска компанија од автомобилската индустрија – Костал. Костал ќе инвестира 80 милиони евра (во период од 10 години) и планира да вработи 1000 граѓани од овој регион. Оваа компанија најдоцна на почетокот на 2016 година почнува со градба на фабриката која треба да биде готова до крајот на следната година.

-Но сакам да истакнам една позитивна вест, Костал најдоцна наесен ќе започне со работа во браунфилд хала и ќе почне да ги реализира и првите вработувања, кои додека се изгради гринфилд капацитетот ќе достигне 150-200 нови работни места.

Тоа се две огромни фабрики во охридско-струшко кои дури работат во браунфилд халите ќе вработат 300 до 400 работници, а кога ќе станат оперативни новите фабрики ќе вработат најмалку 2000 вработени, рече Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.