Свет

Најмалку 20 Палестинци загинаа во нови напади на Израел

Најмалку 20 Палестинци загинаа во нови напади на Израел

Најмалку 20 Палестинци загинаа во обновените израелски ракетни напади врз Појасот Газа по прекинот на примирјето.

Еден од лидерите на Хамас, Муса Абу Мурзак, соопшти дека меѓу убиените се и жената и седуммесечниот син на лидерот на военото крило на организацијата, „Бригадите Изедин ал Касам“, Мохамед Деиф.

Самиот Деиф не се наоѓал на местото на нападот и неговата сегашна позиција не е позната. Од под урнатините на погодената куќа освен телата на жена му и детето биле извадени и телата на тројца членови на семејството кое живеело во неа. Претходно, Израел соопшти дека Деиф е меѓу убиените во воздушните напади.

Претставници на Хамас го обвинуваат Израел дека ги исфабрикувал доказите за ракетниот напад врз градовите Беер Шеба и Нетивот, по што ја повлече својата делегација од преговорите во Каиро и ги обнови своите напади врз Појасот Газа.

Израел соопшти дека по синоќешното прекршување на примирјето и по несупехот на преговорите во Каиро палестинските екстремисти истрелале над 100 ракети врз Израел. Како одговор на тоа израелската армија погодила над 60 цели во Појасот Газа.

Израел почна повторно да ги мобилизира резервистите на кои пред 10 дена им одобри да се вратат во своите домови по почнувањето на серијата индиректни преговори во Каиро за изнаоѓање трајно примирје во Појасот Газа.

Од почетокот на воената операција на Израел на 8 јули во Појасот Газа се убиени 2.038 Палестинци, а уште 10.000 се ранети. Во боребните дејствија се убиени и 64 израелски војници, како и тројца цивили при палестински ракетен напад врз Израел.