Најмалку 216 мртви во потресот на границата меѓу Ирак и Иран

© Pouria Pakizeh/ISNA via AP

Најмалку 216 лица ги загубија животите во Иран и во Ирак во неделата во силниот земјотрес со магнитуда од 7,3 според Рихтер кој го погоди пограничното подрачје меѓу овие две земји, пренесуваат агенциите,  спасувачкте служби продолжуваат со потрага по преживеани, додека 70.000 луѓе останале без домови.

Иранското министерство за внатрешни работи објави дека според последните податоци во Иран во потресот на северот од земјата загинале 210 лица, како и дека бројот на повредените надминал две илјади луѓе. Меѓутоа, се стравува дека бројот на настраданите и натаму ќе расте.

Во соседен Ирак засега се потврдени шест смртни случаи и педесетина повредени

Земотресот силно се почувствувал во неколку ирански покраини, но најтешко е погодена покраината Керманшах. Само во Сарпол-е-Захаб, 15-ина километри од границата со Ирак, загинале 97 луѓе. Главната болница во овој град тешко е оштетена и не може да ги згрижи стотиците повредени. Се стравува дека бројот на жртвите не е конечен, бидејќи спасувачките екипи и натаму се на теренот.

„Уште има луѓе под урнатините. Се надеваме дека бројот на жртвите нема многу да расте, но сигурно е дека ќе се зголеми“, објавија иранските спасувачки служби.

„Имајќи предвид дека земјотресот се случи во текот на ноќта, на хеликоптерите им беше отежато летањето, а некои патни правци се целосно уништени… Стравуваме поради ситуацијата во оддалечените села“, изјави иранскиот министер за внатрешни рабори Абдолреза Рахмани Фазли.

На ирачката страна курдските функционери во автономната покраина изјавија дека шест лица смртно настрадале, а најмалки 50 се повредени. Потресот најмногу штети му нанел на градот Дарбандикан, каде што повеќе од 30 луѓе се повредени, а главната болница е многу оштетена, па настраданите се пренесени во главниот град на покраината Сулајманија.

Земјотресот се почувствувал и во ирачката престолнина Багдад, како и во најголемиот курдистански град во Ирак, Ербил.

Жителите на Дијарбекир, најголемиот курдски град во југоисточна Турција, исто така, го почувствувале земјотресот, а според израелските медиуми потресот се почувстувал и во некои делови од оваа земја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.