Најмалку 22 бегалци, меѓу кои 13 деца се удавија крај грчките острови

Најмалку 22 бегалци, вклучувајќи 13 деца, се удавиле синоќа во Егејското Море покрај грчките острови Калимнос и Родос во два нови инцидента со бродови, кои отпловиле од турскиот брег.

Грчката крајбрежна стража соопшти дека се спасени 144 бегалци.

Изутринава покрај островот Калимнос се пронајдени телата на 19 бегалци, меѓу кои шест жени, осум деца и две бебиња, пренесува МИА.

Според првичните информации на бродот, кој се превртел имало околу 150 лица. Спасени се 138 лица, а спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по евентуално исчезнати лица.

Во друг инцидент со чамец покрај островот Родос се удавиле една жена, едно дете и едно бебе, а по три лица се уште се трага. Шест лица се спасени.

Истовремено околу шест илјади нови бегалци биле донесени денеска на пристаништето Пиреја од островот Лезбос.