Најмалку 28 загинати во Украина

Најмалку 28 цивили и војници загинале во најновите жестоки судири во Украина, кои го доведоа во прашање успешниот прекин на огнот за време на викендот, како што е договорено оваа седмица во Минск.

Додека „отчукува часот“ на прекинот на огнот, САД тврдат дека Русија и натаму разместува тешко вооружување, а Киев предупредува дека е засилено гранатирањето на цивилните области.

Претседателот на Украина Петро Порошенко рече дека постојаното бомбардирање на цивили на истокот на земјата, кое го извршуваат проруските сили, веќе го поткопало мировниот план склучен во четвртокот во Минск.

Примирјето, што треба да стапи во сила денеска во 22 часот по Гринич, ќе биде првиот тест на посветеност на Киев и на проруските сили, на штотуку потпишаниот мировен план.