Најмалку 31 жртва од студ во Индија, тројца загинати во поплави во Шри Ланка

Најмалку 31 лице го загуби животот во студениот бран што ја зафати северната индиска држава Утар Прадеш. Минималните температури во регионот се движат меѓу 2,5 и 3,5 степени Целзиусови, а невремето е проследено и со студена магла. Сите училишта во Утар Прадеш се затворени до 28 декември.

Според метеоролозите температурите во дел од Северна и Централна Индија ќе останат ниски во следните три дена.

Студените бранови редовно земаат десетици жртви во Индија, бидејќи голем број луѓе во земјата живеат на отворено, немаат соодветна облека и не ги загревата домовите.

Најмалку три лица загинаа во поплави и лизгање на земјиште, предизвикани од поројните дождови во цела Шри Ланка, соопштија локалните власти. Поплавите, што траат веќе три дена, оштетија над 1.900 домови, а над 60.000 лица се евакуирани.