Најмалку 35 жртви во пожарите во Калифорнија

Најмалку 35 луѓе смртно настрадале во еден од најголемите огнени стихии кои ја зафатиле американската сојузна држава Калифорнија и која сѐ уште трае, додека пожарникарите на некои локации успеале огнот да го стават под контрола.

Стотици луѓе сѐ уште се водат како исчезнати, а близу 6.000 стопански објекти се уништени. Локалните власти предупредуваат дека временските услови во текот на викендот може да се влошат. Ветерот кој во текот на викендот ќе достигне брзина и до 100 километри на час и слабата влажност во атмосферата, создаваат идеални услови пожарите да се прошират.

До петокот навечер, пожарникарите напредувале на некои локации, со неколку пожари кои повеќе од 75 отсто се ставени под контрола, соопшти калифорниската противпожарна служба.

Огненото жариште Табс во познатото лозарско подрачје, третото според смртноста во Калифорнија каде што загинале 17 луѓе, е ставено под контрола во обем од само 25 отсто. Повеќе од 800 пожарникари успеале да го става под контрола пожарот кој веќе проголта 14.000 хектари и уништи повеќе од 500 објекти.

Стотици противпожарни екипи од соседните сојузни држави дојдоа на помош на калифорниските служби во гасењето на постојните пожари, но и во спречувањето на нови кои би можеле да се прошират следните денови, соопшти калифорниската противпожарна служба.

Во округот Сонома, кој е најтешко погоденото подрачје од огнената стихија, сѐ уште 400 луѓе се водат како исчезнати. Според последните податоци, во 17 големи пожари во северна Калифорнија, уништени се околу 89.740 хектари, соопштија локалните власти во петокот. Особено се настрадани лозарските области во северна Калифорнија.