Најмалку 40 мртви во нападот врз хотелот во Кабул

Најмалку 40 луѓе се убиени во нападот врз хотелот „Intercontinental“ во авганистанската престолнина Кабул изминатиот викенд, меѓу кои 25 се Авганистанци и 15 странци, пренесуваат агенциите во четвртокот повикувајќи се на авганистански и дипломатски извори.

„Конечниот биланс изнесва 25 загинати Авганистанци“, изјави во четвртокот портпаролот на министерството за здравство, Вахид Маџрух, додека претходно во понеделникот беше соопштена бројката за вкупно 22 загинати.

Покрај авганистанските жртви, пријавени се и 15 убиени странски државјани, според податоците на амбасадите и авганистанската влада. Меѓу нив седум се Украинци, четворица се Американци, двајца Венецуелци, и по еден Германец и Казахстанец.

Странците, загинати или повредени, се евакуирани во воената болница во Кабул или во болницата на авганистанските разузнавачки служби NDS. Маџрух додал дека 12 ранети Авганистанци се примени во болниците под управа на министерството за здравство.

Во моментот на нападот во хотелот имало најмалку 170 гости од различни националности.

Одговорноста за нападот ја преземаа талибаните, кои истиот хотел го нападнаа и во 2011 година, кога беа убиени 21 човек.

Нападот на авганистанските сили врз луксузниот хотел во Кабул беше завршен во неделата утрото а по 12 часови отпор од вооружената група којашто упадна во хотелот во саботата ноќта по експлозија и потоа неселективно пукајќи во гостите и персоналот. Во текот на ноќта специјалните сили со помош на силите на НАТО постепено ја преземаа контролата над катовите.

Хотелот „Intercontinental“, еден од двата хотела со пет ѕвездички во главниот град на Авганистан, е место каде што се организираат скапи венчавки, конференции и политички собири.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.