Најмалку 43 лица, најмногу деца, убиени во саудиско бомбардирање на автобус во Јемен

Најмалку 43 луѓе од кои најголем број – 39 се деца загинаа, а уште 60-ина лица се ранети во северниот дел на Јемен, како резултат на воздушен удар врз училишен автобус и преполн пазар во покраината Саада, пренесуваат светските агенции.

Меѓународниот Црвен крст, преку својот шеф во Јемен, Јоханес Брувер, објави дека има „десетици мртви, уште повеќе ранети, повеќето деца помлади од десет години“.

Абдул-Гани Најеб, раководител на одделот за здравство во Саада, изјави дека бројот на жртвите се зголемил на 43, велејќи дека над 60 други лица се повредени.

Проиранското шиитско бунтовничко племе Хути, за нападот ја обвини коалицијата на сунитските земји предводена од Саудиска Арабија, чијшто авион гаѓал автобус кој превезувал ученици.

Локалното население вели дека во автобусот имало ученици кои патувале на летна школа, кога возилото било погодено во близина на преполниот пазар во градот Дахџан, во покраината Саада, која се смета за упориште на бунтовниците.

Саудиската коалиција засега не ги коментира овие извештаи.

Коалицијата којашто на води Ријад интервенира во јеменскиот конфликт од март 2015 година, за да го сопре напредувањето на бунтовниците во конфликтот Јемен од 2014 година на племенската заедници Хути (Хусити) и нивното шиитско движење „Ансар Алаа“, поддржани од Иран, и нивните сојузници војската лојална на поранешниот претседател Али Абдал Салех, од едната страна, и владините сили и милициите лојални на сегашниот претседател Абд Раба Мансур Хади. Владините сили ја имаат копнената и воздушната поддршка на арапската сунитска коалиција предводена од Саудиска Арабија.

Бунтовниците кои ја обвинуваат владата на Хади, кој своевремено пребега во Ријад, дека ги толерирала бунтовничките племиња поврзани со терористичката мрежа Ал Каеда, освоија големи области на земјата, меѓу кои е и главниот град Саана, која и натаму е под нивна контрола.