Најмалку 44 загинати во два бомбашки напади во Багдад

Како што соопшти ирачката полиција, во првиот напад, што се случил на пазар во населбата Ал Шааб во северниот дел на Багдад, загинале 38 лица, а најмалку 70 се ранети.

Речиси во исто време со првиот напад, експлодирала и автомобил-бомба во населбата Ал Рашид, во јуниот дел на ирачкиот главен град, при што животите ги загубиле најмалку шест лица, а над 20 се ранети.

Досега никој не презеде одгворност за нападите, но полицијата претпоставува дека тие се дело на џихадистичката група Исламска држава (ИД). При серија напади во Ирак и неговата околина во текот на минатата година, за кои одговорност презеде ИД, загинаа над сто лица.

Во меѓу време, како што јави ТАСС, припадници на ИД денеска нападнале серија контролни пунктови на ирачките безбедносни сили во западната провинција Анбар.

Според телевизијата Ал Џезира, напади со автомобили-бомби биле извршени врз 11 безбедносни пунктови во реонот на градот Румејла, на 70 километри западно од Багдад, при што биле убиени 60 ирачки војници, а најмалку 150 се ранети.

Нападите на ИД се интезивираа последниве десетина дена, по најавите од Багдад дека се подготвува офанизва против џихадистите за нивно потиснување од градот Мосул.