Најмалку 58 загинати во Индија од земјотресот во Непал

Најмалку 58 лица го загубија животот во Индија, како последица на катастрофалниот земјотрес што вчера го погоди главниот град на соседен Непал, Катманду.

Индискиот премиер Моди најави истрага за последиците и штетите на територијата на Индија. Тој потврди дека загинати и ранети, како и материјални штета е регистирана и во индиската сојузна држава Западен Бенгал, но засега нема сознанија за последиците од непалскиот земјтрес во овој дел од Индија.

Индиските медиуми кои велат дека земјотресот се почувствувал и во Њу Делхи, објавија дека жртви има и во соседен Бангладеш, како и во Кина, на територијата на провинцијата Тибет.

Во силниот земјотрес што вчера го погоди Непал досега загинаа околу две илјади лица. Од нив само во главниот град Катманду се регистрирани повеќе од 700 жртви, пренесува МИА.

Градот е тешко оштетен, а уништени се најголемиот број од вредните историски споменици и храмови како и сите постари згради. Епицентарот бил на шеесетина километри источно од главниот град.

Силниот потрес и земјотресите што продолжуваат да го потресуваат тлото, предизвикаа лавини во реонот на Хималаите. Една од нив предизвика смрт на 17 алпинисти и шерпаси, а шеесетина други се полесно и потешко повредени.

Стотина алпинисти и понатаму се заробени по разните бази по падините на Хималаите, а нивната судбина е неизвесна затоа што спасувачките екипи тешко може да дојдат до нив.

Ова е најтешкиот земјотрес во Непал, по катастрофалниот удар од 1934 година, кога загинаа 8.500 лица во Непал и во индиската држава Бихар.