Најмалку 62 жртви во пожарот во Португалија

EFE/Paulo Cunh

Најмалку 62 луѓе загинале во големиот шумски пожар кој од саботата ја пустоши централна Португалија , а повредени се најмалку 54, од кои четири лица се во критична состојба, објави во неделата попладнето португалската влада.

„Големината на овој пожар е толкава што не се сеќаваме на ваква човечка трагедија“, изјави португалскиот премиер Антониу Кошта кој го посети округот Лејирија, односно областа Педроган Гранди, планинско подрачје околу 200 километри североисточно од главниот град Лисабон.

Истакна дека е клучно да се фокусира на превенцијата на нови пожари, имајќи предвид дека централниот дел на Португалија е зафатен од топлотен бран со температури над 40 Целзиусови степени, силни ветрови, громови но без врнежи, и предупреди дека бројот на мртвите може да биде и поголем.

Владата прогласи тридневна жалост и на помош на пожарникарите им испрати две бригади. Европската унија вети дека ќе испрати канадер, Франција понуди три, а Шпанија уште претпладнето испрати два авиона за гаснење пожари.

Градоначалникот на Педроган Гранде, Валдемар Алвеш, изјави дека ситуацијата е „пеколна и незапаметена“. Пожарот зафатил околу 20 села во областа. Погодената област ја посети и претседателот Ребело де Соуза и изрази сочувство со семејствата и блиските на настраданите.

„Ситуацијата, за жал, е нетипична. Не е можно да се стори повеќе од она што е направено“, во смисла на превенција и итната помош, изјави португалскиот претседателот.

Меѓутоа, многумина од локалното население тврдат дека биле препуштени на самите себеси и дека пожарникарите не ги виделе со часови додека им гореле домовите. Посочуваат на фактот дека многу од жртвите биле пронајдени во своите автомобили или во близина на возилата со кои се обидувале да избегаат пред огнената стихија.

Други се жалат на лошото управување со шумите и депопулација на зафрлените села подари што многу горски области се запуштени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.