Најмалку 70 жртви во новите песочни бури во Индија

Најмалку 70 лица ги загубија животите а повеќе од 100 се повредени откако новиот бран силни песочни бури и грмотевици ја погодија Индија, објавија властите во понеделникот.

Ветрови со брзина од над 100 километри на час погодија региони од северна, источна и јужна Индија доцна попладнето во неделата, корнејќи стебла, електрични столбови и трошни куќарки, велат официјалните претставници на сојузните и државните агенции за управување со природни катастрофи.

Четириесет луѓе загинале во невремето проследено со силен град и грмотевици кои уништувале ѕидови, стебла и столбови во сојузната држава Утар Прадеш, изјавил за AFP Т.П. Гупта, од федералниот оддел за управување со катастрофи.

Уште 80 биле повредени во силните ветрови кои срамниле со почвата речиси 40 домови низ најнаселената сојузна држава во Индија.

Уште 14 лица загинале во неделата во грмотевици во Западен Бенгал и уште 12 во удари на молњи во сојузната држава Андра Прадеш. Оваа јужна држава беше погодена од повеќе од 40.000 громови на 1-ви мај, при што за само неколку часа загинаа 14 лица.

Последното невреме, исто така, е причина за смртта на две лица во Бихар и главниот град Њу Делхи, каде што ветровите достигнувале брзина од над 100 километри на час, соопштија властите на индиската престолнина.

Меѓународниот аеродром „Индира Ганди“ беше затворен повеќе од два часа поради ветровите, кога беа пренасочени 70 летови.

Најновото смртоносно невреме дојде само десетина дена откако песочната бура однесе повеќе од 84 жртви во Агра, во познатата туристичка дестинација Таџ Махал.

Од почетокот на мај Индија е зафатена од временски промени, кои во многу делови од земјата имаат екстремни обеми. Метеоролозите предупредуваат на силни бури во северните и источните региони во следните два дена.

Слични бури ги погаѓаат регионот секоја година, но оваа година според досегашниот биланс најверојатно ќе биде една од најсмртоносните. Само минатиот четврток во грмотевици загинаа најмалку 22 лица ширум Индија. На 2-ри мај во песочната бура загинаа најмалку 134 луѓе а беа преизвикани и големи разорувања и штети во западната држава Раџастан, и во северните сојузни држави Пенџаб и Утаранканд.