Најмалку 77 мртви и 143 повредени во песочните бури во Индија

Најмалку 77 лица ги загубиле животите, а 143 се повредени во песочните бури коишто го зафатија северот на Индија ноќта кон четвртокот, објавија локалните власти кои очекуваат овие бројки да се зголемат.

Сојузните индиски држави – северната Утар Предеш и пустинската западна Раџастан – се најпогодени со 46 односно 31 смртно настрадани лица, соопштија претставниците на службите за управување со итни ситуации во двете држави.

Поединечно, округот Агар во државата Утар Прадеш, каде што се наоѓа славниот мавзолеј Таџ Махал е најпогодената област со 36 смртни случаи од песочната бура. Според локалните власти, историскиот споменик и една од најзначајната туристичка дестинација во Индија не претрпела оштетувања. Меѓутоа, најтешко биле погодени три округа во државата Раџастан, којашто исто така е популарна меѓу туристите со нејзиното историско наследство коешто го претставуваат големите палати и шареноликата култура.

Минатиот месец, исто така, во песочна бура во државата Утар Прадеш загинаа 15 луѓе, а тогаш беа оштетени и два древни столба на споменикот на културата под заштита на УНЕСКО – Таџ Махал.

Најголем број од жртвите настрадале при уривање на ѕидови, дрвја и електрични столбови или на трошни куќи. Покрај тоа, засега биле пријавени угинувања на 157 животни од разни диви видови.

Силната песочна бура предизвикала и прекин во снабдувањето со електрична енергија во Бхаратпур, каде што биле урнати повеќе од 1.000 далноводи. Локалниот оператори најави дека можеби ќе бидат потребни два дена за да се санираат последиците и да се обнови снабдувањето со струја.

Владата на премиерот Нарендра Моди веќе во четвртокот изрази сочувство со семејствата на настраданите и најави парични компензации и побара погодените држави да се координираат во санирањето на штетите.