Најмалку 800 лица починаа во Индија од пеколните горештини

Најмалку 800 лица починаа во Индија од пеколните горештини и исклучително високите температури, кои зафатија неколку делови од земјата, соопштија индиските здравствени власти и полицијата, пренесува МИА.

Во изминатите денови, температурата во некои делови од Индија, а посебно во реонот на Алахабад, во сојузната држава Утар Прадеш, се искачија до 48 степени Целзиусови.

Горештините го зафатија и главниот град на земјата, Њу Делхи, каде е измерена температура од 44 степени.

Најмногу жртви се регистрирани во јужните држави Теленгана и Андра Прадеш, каде 140 лица починаа, во периодот меѓу саботата и понеделникот.

Сувото време и отсуството на дожд, проследено со многу високи темпартури, во јужните делови на Индија, трае уште од средината на април, но властите велат дека големета смртност меѓу локалното население е регистрирана дури во текот на минатата недела.

Досега најмногу жртви на горештините има во Андра Прадеш, вкупно 246 во текот на минатата недела, од кои само во неделата, 62 лица умреле од сончев удар.

Најголемиот број од жртвите се лица на педесетина години, од редовите на индиската работничка класа, кои по цел ден се изложени на силното сонце во обидот да заработат за себе и за своите семејства.

Медицинските власти апелираат до луѓето да носат чадори со себе и шапки на главата за да се заштитат од сонцето, како и да пијат многу течности, но не сите ги слушаат лекарските совети.

Индиската новинска агенција ПТИ пишува дека поединечно, најмногу починати имало во неделата, а дека силниот бран горештини ја зафатил и државата Раџастан.

Метеоролозите предупредуваат дека високите температури и сувото време ќе продолжат и во текот на оваа недела.