Најмалку четири жртви во железничката несреќа крај Солун

REUTERS/Alexandros Avramidis

Најмалку четири лица ги загубиле животите а уште пет се здобиле со тешки повреди откако патнички воз на релацијата меѓу грчката престолнина Атина и Солун излета од шините во саботата ноќта, соопштиле од железничката компанија оператор Trainose.

Како што пренесува агенцијата Reuters повикувајќи се на истиот извор, состојбата на машиновозачот лекарите ја оценуваат како критична.

REUTERS/Alexandros Avramidis
REUTERS/Alexandros Avramidis

„Во 21,45 часот, возот Intercity 58 со 70 патници на релацијата Атина – Солун, излета од шините во близина на станицата Адендрос (37 километри пред Солун –з .р.) од засега непознати причини. Четворица патници загинаа а пет се здобија со повреди, меѓу нив и машинистот кој е сериозно повреден. Продолжува евакуацијата на патниците“, се наведува во соопштението на компанијата кое го цитираат медиумите.

Според операторот Trainose, другите возови кои сообраќаат на делницата Атина – Солун, се одвиваа според вообичаениот режим. На местото на несреќата движењето на композициите се одвива по еден колосек.

Во извештајот се истакнува дека на местото на инцидентот работат пожарникарски и екипи на итната медицинска помош, мобилизиран е државниот апарат а двe државни болници се подготвени да примат евентуално нови повредени.

REUTERS/Alexandros Avramidis
REUTERS/Alexandros Avramidis

Од Атина за Солун, по налог на министерот за транспорт и инфраструктура, итно одлетал извршниот директор на компанијата за координирање на активностите неопходни за транспортот на патниците и отворање на линијата, којашто привремено беше затворена.