Најмалку пет години затвор за учество во странски паравојски

Најмалку пет години затвор ќе одлежи секој оној кој ќе учествува во војна надвор од земјава.

Казната се однесува на секој кој создава, организира, регрутира, превезува, органзиира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од земјава.

Тоа се предвидува со измените на Кривичниот законик, што ги изгласа вчера републичкото Собрание.

Со казна затвор од најмалку пет години ќе биде казнет и оној  кој директно или индиректно, нуди, дава, обезбедува, бара, собира или прикрива финансиски средства, фондови, материјални средства или опрема коишто ќе бидат наменети за извршување на кривичното дело од ваков тип.

Државјаните на Македонија, кои спротивно на закон ќе учествуваат или ќе се обучуваат од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи, надвор од територијата на РМ, ќе се соочат со затворска казна од најмалку четири години.

Казна со затвор од најмалку четири години ќе следи и за тој што спротивно на закон на собир, преку пишан текст, со аудио – визуелни снимки, преку социјалните мрежи или со кој било друг облик на комуникација ќе повика на ширење или ставање на кој било друг начин на располагање на јавноста порака, или врбува или поттикнува друг на извршување на наведените кривични дела. Со измените ќе биде казниво и помагањето како и обидот за извршување на овие дела.

Целта на измените на Кривичниот законик, според Министерството за правда, е да се зајакне системот на национална безбедност и борбата против глобалните закани, особено тероризмот, а следи по извештаите на повеќе меѓународни организации за злосторствата, масакрите, киднапирања и етничкото чистење што го спроведуцваат џихадистите на Исламската држава во Ирак.