Најмалку пет жртви во ракетен напад врз меѓународен саем во Дамаск

(Photo by SANA)

 

Најмалку пет лица загинаа а уште десетина други се повредени во ракетен напад на терористите во неделата врз меѓународен саем во сириската престолнина Дамаск, пренесуваат агенциите повикувајќи се на владини и опозициски извори.

Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR), со седиште во Лондон, соопшти дека меѓу десетината ранети неколку се наоѓаат во критична состојба, откако ракетата го погодила влезот од просторот на кој се одржува 59-от Меѓународен саем во Дамаск, три дена по неговото отворање. Притоа, во извештајот се изразува стравување дека бројот на жртвите може да се зголеми, со оглед на сериозноста на повредите, според активистите на SOHR.

Безбедносен извор од сириската влада изјавил дека нападот е извршен од бунтовничките вооружени групации кои сѐ уште се присутни во Источна Гута, доминатно сунитско предградие на Дамаск.

Сириската престолнина беше релативно изолирана од разорната граѓанска војна која започна во март 2011 година и се претвори во конфесионален и регионален судир, со повремени смртоносни терористички напади. Изминатите неколку години, терористите кои ги имаа под контрола некои од енклавите во Источна Гута повеќепати отвораат минофрлачки оган врз сириската престолнина.

 (Photo by SANA)
(Photo by SANA)

Меѓународниот саем на индустријата во Дамаск се одржува годинава по шест години прекин од избувнувањето на војната. На него учествуваат 43 земји, од кои 20 се претставувани од комерцијални организации а 23 преку дипломатските претставништва.

Како што истакна генералниот директор на агенцијата за меѓународни изложби и саеми на Сирија, Фарес ал-Киртли, и покрај европските санкции против Сирија воведени пред шест години и кои сѐ уште се на сила, на годинешниот саем се присутни и компании од Белгија, Франција, Грција, Холандија и Италија.

Организаторот очекува дека годинешниот саем ќе го посетата меѓу 60 и 70 илјади луѓе. Исто така, соопштија дека е максимално подигнато нивото на безбедност за да се заштитат од терористички закани манифестацијата и гостите на неа.

Меѓународниот саем во Дамаск се одржува од 1954 година до почетокот на кризата во 2011 година. Во текот на годините на редовното одржување тој се стекна со статусот на најголема манифестација од ваков вид на Блискиот исток.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.