Најмалку седум цркви опожарени во Нигер

Најмалку седум христијански цркви беа опожарени денеска во главниот град на Нигер, Ниамеј од страна на учесниците во протестите против објавување на карикатурата на муслиманскиот пророк Мухамед во парискиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, откако протестите прераснаа во насилство, кое зафати неколку квартови во градот.

Повеќето од запалените цркви се евангелистички, а некои од нив биле сместени во мали куќи, на кои дури немало соодветен верски симбол.

Според француските медиуми демонстрантите се упатиле кон друг дел од градот, каде има голем број цркви.

Стотици полицајци од силите за борба против немири го обезбедуваат влезот на катедралата на Ниамеј, откако регионот исто така беше зафатен од насилство. Демонстрантите фрлаат со камења кон полицијата.

Насилството е предизвикано претежно од млади луѓе, вооружени со палки и прачки.

Во сличен протест вчера загинаа четири лица во вториот по големина град во Нигер, Зиндер. Четириесет и пет лица беа ранети, а беше предизвикана и материјална штета на цркви и продавници. Најголема штета претрпе францускиот културен институт, чија зграда беше опожарена.