Најмалку седуммина загинати при експлозија во Дијарбекир

Најмалку седум полицајци загинаа, а 27 нивни колеги и цивили се ранети денеска при експлозија на автомобил-бомба во градот Дијарбекир во југоисточна Турција, соопшти турскиот министер за развој Џевдет Јилмаз.

Според Јилмаз, автомобилкот-бомба експлодира во момент кога крај него минувал полициски автобус.

Телевизијата Си-Ен-Ен-Турк јави дека меѓу повредените при нападот има 14 цивили и 13 полицајци, од кои тројца се во критична состојба.

Првично, беше соопштено дека експлозијата се случила кога автомобилот-бомба удрил во полициското комби.

Телевизијата Хабертурк јави дека нападот бил изврешен во близина на автобуска станица во Дијарбекир, кој е најголемиот град во југоисточна Турција, каде поголемиот дел од населението се Курди.

При експлозијата се оштетени неколку возила што биле паркирани во близина и се искршени прозорците на околните згради.

Веднаш по нападот полицијата го блокираше подрачјето околу автобуската станица и започна акција во потрага по напаѓачите.

Засега никој не презеде одговорност за нападот, но турските медиуми во своите извештаи наведуваат дека тој е дело на „терористите“, термин со кој властите ги именуваат припадниците на Курдската работнича партија (ПКК).

 

Нападот се случува еден ден пред посетата на турскиот премиер Ахмет Давутоглу на Дијарбекир, најавена за утре.