Најновиот Извештај за напредокот на Македонија ќе биде објавен на 8.октомври

Најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во процесот на евроинтеграциите комесарот за проширување Штефан Филе ќе го објави на 8 октомври во Брисел, пренесува МИА.

Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, годишната оценка на неформалната Влада на Европската унија за Македонија, но и останатите земји-кандидати за членство во Унијата (Црна Гора, Турција, Србија и Албанија) и потенцијални кандидати (Босна и Херцеговина и Косово), изминатите години го објавуваше во средината на десетиот месец во годината, но поради смената на составот на Еврокомисијата, овојпат тоа ќе го стори во среда, втората недела од октомври.

Според информациите од Комисијата, генералните извештаи за Македонија и останатите земји се веќе направени, при што за нашата земја се очекува до денот на објавување, со одлука на комесарот Филе, да биде одредено дали ќе добие нова, шеста по ред позитивна препорака за почеток на пристапните преговори. Наводно, од ЕУ-канцеларијата во Скопје што ја предводи Аиво Орав пристигнала позитивна препорака, но конечната одлука се очекува да ја донесе Филе.

Она што е сигурно е дека поради делувањето на опозициската СДСМ во Република Македонија и нивното напуштање на Парламентот и бојкотот на државните институции, извештајот ќе содржи голем број на негативни оценки. Токму поради се она што изминатата година го правела партијата на Зоран Заев, виси и новата позитивна препорака за почеток на преговорите за членство, која, сепак, поради реформите во државата во однос на приближувањето на македонското кон европското законодавство, треба да биде позитивна.

Со цел да ја финализира рамката од извештајот, првиот човек во Директоратот за проширување на Еврокомисијата, задолжен за Македонија, Дејвид Кулен, деновиве со тим од осум експерти ќе престојува во Скопје. Кулен и лично го пишува извештајот, кој комесарот за проширување потоа треба да го одобри и да ги даде завршните параграфи во однос на препораката. До денот на објавувањето на прогрес-извештајот (8 октомври), за Македонија ќе биде неизвесно дали ќе ја содржи шестата позитивна препорака за почеток на пристапните преговори.

Инаку, иако од 2009 година, петпати по ред, ЕК даваше позитивни препораки во извештаите за Македонија да почне да преговара за членство во Европската унија, поради ветото на Грција и условот прво земјата да го промени своето име, Европскиот совет каде за ваква одлука е потребна едногласност – не ги прифаќа препораките на Комисијата.