Најсиромашните Грци ќе добијат милијарда евра

Грчката влада најави во понеделникот дека ќе издвои милијарда евра за помош на најсиромашните граѓани, за кои владиниот портпарол Димитрис Цанакопулос рече дека најмногу страдале во веќе седумгодишната економска криза.

„Вишокот приходи ќе им биде поделен на социјалните групи кои најмногу страдаа и беа под најголем притисок“, рече портпаролот Димитрис Цанакопулос во телевизиско интервју.

Грчката влада инсистира дека во текот на 2017 година економијата ќе се зголеми за два отсто, а дека примарниот буџетски суфицит, кога ќе се издвојат трошоците за отплата на долговите, ќе изнесува 2,2 отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Цанакопулос најави дека овие податоци се позитивни и дозволуваат да се помогне на социјалните категории. Невработеноста во Грција, по долгогодишната криза, изнесува 21,3 отсто, односно 42,8 отсто кај младите.

Во меѓувреме, меѓународните кредитори на Грција во понеделник започнува трета ревизија на имплементацијата на финансиската помош. Цанакопулос рече дека владата на Алексис Ципрас е подготвена да ги пополни сите дупки во буџетот кои може да се појават во текот на ревизијата.

„Грчката страна ќе биде доследна и ќе исполни се што се согласила да направи“, рече владиниот портпарол.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.