Најстариот човек на планетата почина во Индонезија на 146 години

Индонезиецот М’бах Готхо (прадедо Готхо) или познат и како Содимеџо, на чијашто лична карта пишува дека е роден на 31 декември 1870 година, а на 31-ви декември 2016 година го прослави 146-от роденден во малото село  Сраген во индонезиската покраина Јава, каде што починал, пренесе во понеделникот BBC.

Иако во документите стои дека Содимеџо е роден во 1870 година, оние кои се сомневаат наведуваат дека Индонезија започнала да ги издава изводите од матичните книги во 1900 година. Сепак, функционерите кои ги проверуваа неговите документи и разговарале со Содимеџо, велат дека тие се исправни.

Во болница бил префрлен на 12 април поради влошеното здравје, а шест дена подоцна барал да го пуштат.

Кога на неговиот роденден на крајот од 2016 година новинарите го прашаа за тајната на неговата долговечност, Содимеџо изјави дека клучот е во трпението и дека долг живот имал „благодарејќи на луѓето кои го сакале и се грижеле за него“.

Тежок пушач до крајот на животот, во селото беше локален херој, познат по приказните од војните против Јапонија и холандските колонизатори.

Матичната канцеларија на покраината Јава потврди дека податоците за раѓањето на М’бах Готхо се точни. Досега титулата на потврдено највозрасното лице на светот, која кога и да е живеела на Земјата, официјално потврдено, е Французинката Жан Луиз Калман, која почина во 1997 година на возраст од 122 години.

Готхо, кој последниот роденден го прослави со внукот Сурјанта и сопругата Суварни, наводно ги надживеал сите десет браќа и сестри, четири претходни сопруги и многу од своите деца.

Кога претходните години го прашуваа да им ја каже тајната на долговечноста, Готхо одговорил „Единствен рецепт е трпението“. На новинарите им раскажувал дека за смртта почнал да се подготвува уште во 1992 година, кога нарачал да му направат надгробна плоча, но и 24 години по тоа уште е жив.

Минатата 2016-та за регионалната телевизиска мрежа изјави „Всушност сега сакам да умрам“. Од неодамна Готхо не може сам да ја одржува хигиената, а членовите на семејството му помагаат при ранењето, бидејќи е сé послаб. Внуците велат дека најмногу време минува слушајќи радио, бидејќи видот му е преслаб за да гледа телевизија.

Во светот има уште неколку лица коишто, го надминале рекордот на Жан Калмент, како што е Нигериецот Џејмс Олофинтуји кој вели дека има речиси 171 година и Етиопјанецот Дакабо Ебе кој наводно има 163 година, но без документи кои можат тоа да го потврдат и без официјално признание.

Кон средината на јули 2016-та Н’гујен Ти Чу, 123-годишната Виетнамка, којашто беше сметана за највозрасната жена на планетата, почина во јужниот виетнамски град Хо-Ши-Ми. Н’гујен Ти Чу официјално се сметаше за најстарата жена на Земјата од 2015 година, кога тоа го потврди Академијата за светски рекорди (WRA). Во податоците за идентификација на Чу се наведува дека таа се родила на 4-ти мај 1893 година. Во 2011 година виетнамската организација „Рекордите на Виетнам“ ја прогласи Н’гујен Ти Чу за најстарата личност во земјата. Четири години подоцна нејзината долговечност беше призната и на светско ниво кога WRA ја призна за најстарата личност на светот.

По деталното проверување Н’гујен Ти Чу од градот Хо-Ши-Мин, официјално на 20-ти април 2015 година беше прогласена за најстариот жител на планетата Земја. Родена 1893 година, Чу во своите 40-ти години го родила своето најмладо дете, синот кој во 2014 година починал на 72 години.

Кон средината на мај 2016-та, пак, Геронтолошката истражувачка група објави дека почина 116-годишната Сузан Машат Џонс, која беше прогласена за најстарата личност на планетата според Гинисовата книга на рекордите. По смртта на Џонс, најстара личност на светот верификувано од Гинисовата книга на рекордите беше исто така, 117-годишната Ема Морано Мартинуци од Италија,која почина на 15 април годинава.

Носител на титулата најстар човек на светот со 117 години верификувано од Гинисовата книга на рекордите, пред Џонс му припаѓаше претходно на Јапонецот Џироемон Кимура роден на 19-ти април 1897 година кој во јуни 2013 година почина од старост.

На 11-ти јуни 2014 година беше објавено дека Кармело Флорес, кој според боливиските власти беше најстариот човек на планетата, починал во 124 година од животот во болница во Ла Паз. Кармело Флорес, припадник на домородната индијанска заедница Аимара, официјално е роден на 16-ти јули 1890 година. Живеел на надморска височина од 4.000 метри во зафрленото селце Фраскиа, западно од Ла Паз, во близина на езерото Титикака, хранејќи се со житарките кои успеваат на Андите и пиејќи исклучиво изворска вода. Селскиот лекар, Адалберто Сегалес истакна тогаш дека старецот „боледувал од дијабетес”, како и дека последниот период му се влошила здравствената состојба. Зад себе остави син, 14 внуци и 39 правнуци.

Кон крајот на јули 2013 година, Јужноафриканската Република откри дека таму живее најстарата жена на светот, Н’кукутане Џохана Мазибуко којашто има 119 години, според фотокопијата од нејзината лична карта којашто на AFP му ја испратил новинар кој ја посетил во местото Клерксдорп, издадена 1986 година на која пишува дека е родена на 11-ти мај 1894 година.

Меѓутоа, кон средината на јануари 2013 година портпаролот на гувернерот на авганистанската покраина Вардак, и самиот внук на една старица, објави дека починала најстарата жена на планетата – Хасана којашто имала навршено 136 години од животот. Според другите роднини на починатата долговечна Авганистанка, претходно претставници на УНЕСКО ги земале личните информации за Хасана, но тоа не е резултирало со конкретни дејства или чекори за нејзино официјално прогласување за највозрасен жител на планетата. Шефот на администрацијата на округот Пачирагам каде што била погребана Хасана, Малик Мохамад Аслам за агенцијата Pazhvak потврди дека починатата имала навршено 136 години од животот.