Магазин

Најубавата Јапонка не била „доволно Јапонка“

Најубавата Јапонка не била „доволно Јапонка“

Најубавата Јапонка на овогодишниот избор за „Мис универзум’’, 20-годишната Аријана Мијамото предизвика ретко виден интерес на социјалните мрежи и во медиумите.

Не се работи за тоа дали Аријана Мијамото е убава, што никој не го оспорува, туку проблемот бил во тоа што таа била „недоволно Јапонка“.

Убавицата е ќерка на Јапонка и на Афро-Американец. Таа говори и се однесува како секоја друга Јапонка на нејзина возраст, но традиционално настроениот дел на јапонското општество, кој во случајов се покажа дека е во големо мнозинство, не е задоволен што во нејзините вени имало премногу „туѓа крв“.

Тие што го осудуваат конзерватизмот и незадоволство често ги упатуваат незадоволниците да ги погледаат популарните рекламни спотови, во кои најбарани се Јапонките што имаат повеќе западни од колку јапонски стандарди на атрактивност, ама конзервативците одговараат дека бизнисот е една, а националната гордост друга работа.

Бурата предизвикана со изборот на Аријана за јапонска убавица беше повод за голем број медиумски истражувања и коментари околу женската убавина. Впечатливи се неколку текстови објавени деновиве, според кои, повеќе од факт е дека најубави девојки и жени се плод на бракови од различни националности и раси. Наведени се и повеќе примери на убавици чии родители биле и од различни континенти.

Според ваквите анализи, се покажало дека во Азија по убавина особено се издвојуваат ќерки од бракови на татко Французин и мајка од Индокина, најчесто од Камбоџа. Филипинските убавици пак, имаат гени со потекло од шпански, американски (бели) и локални предци, родени, најчесто, како втора генерација од последното „мешање на крвта“.