Со највисоки полициски и државни почести погребан полицаецот Горан Станишевски

Со највисоки полициски и државни почести во присуство на семејството, роднините, пријателите, колегите и  голем број високи старешини од Министерството за внатрешни работи во вечното почивалиште беше испратен полицискиот службеник Горан Станишевски на гробиштата во населбата Карпош во Куманово.

Станишевски на 30-ти минатиот месец во населбата Средорек во Куманово трагично го загуби животот од повреди кои ги доби од нож при интервенција за приведување на лице со нарушено психичко здравје обидувајќи се да помогне на недолжното семејство жртва на семејно насилство.

Униформираниот полициски службеник Горан Станишевски – Гошо е роден на 20.10.1980 година во Куманово по завршување на средното образование во Куманово на 29.11.2001 година се вработува во Министерството за одбрана на Република Македонија во елитната единица „ВОЛЦИ“, од каде од 2005 година е преземен за работа во Министерството за внатрешни работи во Полициската станица Гошинце во РЦ „Север“. Во 2007 година се распоредува во ПС за ГК „Табановце“, од каде во 2009 година со Наредба се задолжува да извршува работи и задачи во Посебна мобилна единица во СВР Куманово, во 2012 година распореден е во Мобилната единица за прекуграничен криминал при Сектор за гранични работи и миграција. Од 25.11.2013 година па до трагичниот ден професионално ги извршуваше работите и работните задачи на работно место Полицаец во ПС од ОН Куманово, a исто така од 2015 година со Наредба беше припадник и на Посебната Единица на полиција (ПЕП), се вели во соопштението од МВР.

Во посмртниот говор за Горан Станишевски помошник началникот на Централните полициски служби Сашо Митевски  за него рече:

Се собравме денеска за да ја поделиме заедничката тага за загубата од трагичниот настан и да се присетиме на придонесот и професионализмот во службата на нашиот колега Горан Станишевски. Република Македонија и Министерството за внатрешни работи со трагичната смрт на Горан загубија извонреден професионалец и голем патриот, а Вие загубивте многу драг и значаен  член од семејството. Сите колеги кои имавме можност да се дружиме и да работиме со него бевме привилегирани што познававме толку чесен скромен и храбар човек. Со него делевме и добро и зло, се радувавме и тагувавме заедно.Вашата загуба е огромна и не може да се надомести, но  не сте осамени во тагата. Почивај во мир и едно огромно Благодарам од сите нас што беше дел од нашите животи и не научи на вистинските вредности во работењето и животот. Нека ти е вечна слава !

Телеграми со сочувство до семејството Станишевски за прераната и  ненадоместлива загуба на нашиот колега Горан Станишевски испратија Министерот за Внатрешни работи Митко Чавков и Директорот на Бирото за Јавна безбедност Горанче Савовски, информираат од Министерството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.