Највлијателните грчки медиуми против ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски

Највлијателните грчки медиуми се чини и повеќе од очигледно заземаат јасна страна во политичката криза во Македонија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Од најгледаните телевизии па се до најтиражните весници, периодов интензивно се напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ, а во прв ред лидерот Никола Груевски.

Во репортажа на телевизијата Стар, Груевски се опишува како националист и автократ со сличен стил на владеење како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот Владимир Путин.

Груевски е минијатура на Ердоган, тој спроведува еден кич патриотизам, една состојба на корупција и скандали и еден апсолутизам како во Русија, вели за СТАР универзитетскиот професор по современа историја Спирос Сфетас.

Во репортажата се тврди и дека десничарските здруженија што се проширија низ Македонија периодов биле наводни гласноговорници на Груевски во битката против голема Албанија.

Со речиси идентични критики и обвинувања излезе и анализа во весникот Етнос, во која што се тврди дека овие десничарски организации директно или индиректно биле поврзани со како што се вели “парадржавата на националистот Никола Груевски”.

foto etnos

 Социјал-демократите ја бараат власта со благослов на западот. А во средина, улогата на регулатор ја има албанскиот фактор како заеднички блок од три елементи кој што застана на страната на Заев…Фактот што албанските партии се сретнаа во Тирана на 7 ми јануари во составувањето на заедничка стратегија заедно со албанскиот премиер Еди Рама, барајќи целосна еднаквост меѓу Албанците и Славо-македонците во пј Р Македонија, всушност му ја даде на Груевски  причината што му требаше за да ги блокира сите политички случувања, се вели во анализата на Етнос.

Во колумна на весникот Катимерини на истата тема, Груевски се критикува за наводна узурпација на грчката историја, а земјата за параноја и креирање лажно минато.

За време на владеењето на Груевски, земјата западна во параноја со узурпација на периоди од грчката историја за креирање на вештачки славно минато. Веќе три години земјата е во вител. Се почна со политичката криза поради авторитаризмот во периодот на Груевски. Ова има тенденција да прерасне во егзистенцијална криза на земјата поради одбивањето на славо-македонскиот претседател Ѓорге Иванов да и дозволи на опозицијата да формира влада, се вели во текстот.

Авторот на колумната заклучува и дека натамошна дестабилизација на Македонија ќе доведе до распаѓање на земјата, со што ќе се дестабилизира и Балканот, а војната и нередот ќе стигнат до грчка врата. Дополнително, тоа ќе ги наруши и традиционално добрите односи меѓу Грција и Бугарија, па затоа се бара и активно вклучување на Атина во некаков вид на медијација за решавање на кризата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.