Накови со пари на „Фершпед Брокер“ купувале акции во „Фершпед“ за себе, тврди адвокатот Гушев

Членовите на фамилијата Накови преку брокерската куќа „Фершпед Брокер“ со пари на компанијата купувале акции во „Фершпед“ за себе, открива денеска адвокатот Венцислав Гушев, преставник на странскиот инвеститор Qwest Investment Plc со седиште во Лимасол, Кипар. Тој на денешната прес конфернеција укажа на одреден број незаконитости во менаџментот на АД Фершпед и ги повика надлежните институции во државата да реагираат.

„Се соочуваме со недоследности во постапувањето на двајцата носечки акционери во ’Фершпед’. Од увид во документацијата со која располагаме непосредно произлегува злоупотреба на моќта на големиот број акции и права, кои се стекнати со пренос од татко на син со правно дело. Тие акции веројатно создале моќ за поставеност на друштвото над правниот поредок, над сите останати акционерски интереси. Тоа што купуваат акции е нивно право, но интересен е начинот на кој тие ги купуваат акциите. Тие се за нив лично, но не ги плаќаат тие туку ги плаќа Фершпед АД Брокер. Овој настан е од 2009 година, а во 2011 година претседателот на УО на Фершпед Брокер АД ги отпишува долговите настанати со купување на овие акции,“ вели Гушев кој наведува дека ова е само една алка од ланецот на она што тие го утврдиле како неправилност.

Според адвокатот Гушев, менаџментот на АД Фершпед давал позајмици во неколку милиони евра на физички и правни лица кои никогаш не се вратени.

„Прашање е дали на тој начин не се повредува еден од основните принципи од Законот за трговски друштва за еднаквост на сите акционери. Конкретно речено е што Законот посочил дека сите такви правни активности, согласно Законот за трговски друштва,  се сметаат за ништовни.Ова е само уште еден детаљ за да се обидеме да укажеме на потребата, надлежните органи на РМ, кои настојуваат да се обезбеди и да се одржи имиџот на РМ како една од најпосакуваните дестинации за странски инвестиции, по барање на странските акционери кои се членови на АД Фершпед, да направат увид во финансиското работење на оваа компанија и да се утврди дали навистина постојат незаконитости на кои укажуваме по поднесеното вонредно барање за свикување седница на акционерско собрание,“изјави Гушев.

Квест Инвестмент ПЛЦ во моментов поседува 469 акции и заедно со еден од поголемите акционери Драги Димевски бара независен овластен ревизор да изврши увид во финансиското работење на компанијата.Главните забелешки се однесуваат на позајмици, неплаќања, отпишувања на долгови, префрлање на средства во тајни друштва.

„Со одреден број на дејствија, како и износот на позајмиците кои се дадени, а заборавени да бидат вратени врз основа на правни принципи за кои имаме сериозна документација, се руши акционерскиот капитал на друштвото Фершпед АД Скопје.Во Македонија се знаат релациите и основачите на тајните друштва и тие пак се во некои врски со носечките акционери на Фершпед,“ изјави Гушев.

Квест Инвестмент ПЛЦ за сите акционери кои сакаат да присуствуваат на вонредното собрание обезбеди бесплатен превоз за Охрид и назад. Вонредното собрание е закажано на 10 јануари во хотел Метропол.

„Многу често вонредните седници се закажуваат надвор од Скопје за да се оневозможат малцинските акционери или посромашните да присуствуваат. Квест Инвестмен ПЛЦ на денот на одржување на седницата на 10 јануари ќе овозможи бесплатен превоз до Охрид и назад за сите акционери кои сакаат да присуствуваат. Во оваа насока на будење на акционерската свест е и укажување на потребата дека е крајно време акционерите да преземат мерки и да го заштитат својот акционерски капитал,“ изјави Гушев.

Тој укажа и на дневниот ред што го предложил Фершпед АД Брокер, според кој има интересна одлука.

„Насловот на одлуката вели, одлука за „авансна исплата на дел од сета акумулираната добивка“. Насловот зборува едно, а во содржината во првиот член не се споменува исплата, туку „акумулираната добивка останува и понатаму во друштвото за потребите на акционерите“. Дали се тоа потребите на акционерите?,“ прашува Гушев.

Според Гушев, Собранието на акционери има свои функции утврдено со закон.

„Господинот со неговите синови до сега се однесувал како да станува збор за еден акционер. Доколку се вратат милионските суми неосновано дадени на позајмици и се запази рокот на правни механизми за нивно враќање, тогаш ќе има средства да се вртати имиџот на Фершпед АД туку и да се акумилираат и да бидат за дивиденда за акционерите,“ изјави Гушев.

Драгoслав Димевски кој има акции над пет остсто изјави дека главните забелешки, се што Штерјо Наков одлучува за се и не консултира никого.

„Како да станува збор за акционерско друштво од едно лице. Поднесов и кривични пријави за неправилна приватизација, реагиравме писмено многу пати,“ изјави Димевски.

Вкупниот број на акции во АД Фершпед изнесува 17.795, неофицијалните податоци зборуваат дека околу 35 отсто од акционерите се сплотени против семејството Накови, а Штерјо Наков и синовите поседуваат околу 25 отсто од акциите.

Прес конференцијата која требаше да се одржи во хотелот „Александар Палас“ се одржа надвор пред рампатата на хотелот. На новинарите и на свикувачот на прес конференцијата им беше забранет влез иако фактурата била уредно платена. Според адвокатот, овој гест е симболика за работата на „Фершпед“ односно како првите луѓе функционираат.

„Ова е дел на акционерската култура и свест на господата кои на оваа рампа оневозможија новинарите да влезат и да се приближат на вратата на хотелот,“ изјави Гушев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.