Намален бројот на мигранти во Гевгелија

Во ПТЦ Гевгелија и натаму пристигнуваат се помалку мигранти од Сирија и Ирак кои успеваат да ги минат заострените мерки за проверка на нивниот идентитет од страна на нашите безбедносни органи, пренесува МИА.

Последново деноноќие, според информацијата од Регионалниот ЦУК – Гевгелија, од граничниот камен 59 во гевгелискиот бегалски камп пристигнале само 24 мигранти кои чекаат да бидат транспортирани кон север, но тоа ќе се случи кога ќе се собере поголема група.

По вчерашните немири и неуспешните обиди на мигрантите да ја пробијат заштитната порта на котата 59, ситуацијата е мирна и ставена под контрола, но се уште е напната и неизвесна поради големиот број мигранти кои се собираат во кампот во Идомени.

Дека бегалската криза добива на интензитет утрово потврдија и грчки активисти според чија проценка во граничниот појас на Грција од Идомени до Поликастро се наоѓаат десеттина илјади мигранти кои веќе неколку дена се заглавени во лоши услови за живеење поради што и нивното трпение е на граница на издржливост.

Претпладнево Гевгелија ја надлетуваа армиски и полициски хеликоптери кои беа во набљудувачка мисија на границата каде моментно состојбата е стабилна и мирна, но железничката пруга на грчка страна е блокирана за сообраќај од насобраните мигранти.