Намален бројот на македонските туристи во хотелите во Солун

За 20% во споредба со лани се намалил бројот на Македонци кои оваа година ги одбрале солунските хотели во периодот од јануари до август годинава, објавува Канал 5.

Според статистичките податоци од сојузот на хотелиери од Солун, Македонија за прв пат по неколку години не се најде на листата 30 земји со најголем пораст, туку на онаа со 10 земји со најголемо намалување. Сепак нашата земја и понатаму останува во категоријата меѓу топ 20 -те држави со најмногу ноќевања во хотелите во Солун и се наоѓа на 18- то место. Поконкретно, 8989 Македонци ноќевале во некој од солунските хотели во првите 8 месеци од оваа година, но оваа бројка е за 20% помала во споредба со податоците од 2013та за истиот период. Лани, 11 266 нашинци одбрале да престојуваат во некој од хотелите во Солун.

Интересно е тоа што најголемото намалување на бројот на Македонците е во периодот јули август, земајќи ги во предвид старото истражување на Сојузот, за првата половина на 2014та. До јуни бројот изнесувал 6238, а за 2 месеци, односно за периодот кој важи за висока сезона, се забележува значително опаѓање. Можеби, ова се должи на фактот што, Македонците, за летните одмори најчесто ги одбираат туристичките места на Халкидики и во околината на Катерини.

Според истражувањето кое се однесува на ноќевања во хотелите само во Солун, први на листата се туристите од Кипар, потоа следат Турците и Русите.

Македонците масовно и ова лето како и претходните ги „окупираа“ плажите во Грција, но во ниедна официјална статистика од надлежните институции нема точна бројка, колку нашинци го посетиле јужниот сосед.