Намален бројот на сообраќајки во Штип и Карбинци

Поволна и стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на Штип и Карбинци за изминатите шест месеци, оцени денеска началникот на Полициската станица, Дејан Петров, кој го презентираше извештајот пред комисиите на Советот на општина Штип.

„Од областа на криминалитетот споредбено со минатата година во овој период е скоро непроменета, односно се бележи незначително зголемување за 1,7 проценти или изразено во бројки минатата година сме имале пријавено 754 кривични дела, додека во овој период во 2014 година имаме пријавено 767 кривични дела. Во областа на јавниот ред и мир бележиме намалување за шест проценти во однос на минатата година кога сме имале пријавено 115 настани, додека годинава имаме пријавено 108 настани од областа на јавниот ред и мир, истакна Петров.

Тој додава дека во текот на изминатите шест месеци има и помал број на сообраќајни несреќи, кои се случиле во Штип и Карбинци, односно за четири отсто е намалувањето на несреќите на патиштата и на улиците во овие две општини.

„Изразено во бројки минатата година имавме 92 несреќи, а оваа година во првите шест месеци 88 незгоди. Полициската станица Штип презеде низа превентивни мерки како што се Полицијата и граѓаните заедно, Вашиот полицаец, Полицијата ги советува децата, а голема заслуга има и зајакнатата соработка меѓу полицијата и граѓаните“, истакна Петров.

Тој информира дека во Штип функционира и проектот реонски полицаец.