Намален бројот на сообраќајки за 20 отсто во однос на лани

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денес во кавадаречката гимназија „Добри Даскалов” присуствуваше на реализацијата на едукативните активност во рамки на акцијата “Безбедно управување моторцикл и патнички автомобил“ организирана од страна на одделот за превенција на СВР Велес и ПС Кавадарци а во рамки на владината кампања “Почитувај ги правилата почитувај го животот“, со цел подигнување на свеста за потребата од почитување на правилата во сообраќајот.

Како што истакна Јанкулоска денешната презентација е прилагодена на возраста на овие учесници во сообраќајот кои се средношколци.

-Голем дел од нив веќе ги исполнуваат законските услови да полагаат за добивање на возачка дозвола од Б категорија, а голем дел исто така управуваат моторцикли согласно на регулативата. Посебен акцент денеска сакавме да ставиме на потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи во сегментот кој се однесува на забрана за употреба на алкохол, потенцираше Јанкулоска.

Според министерката статистиката во сообраќајот покажува дека во текот на 2014 година бележиме значително зголемување на бројот на превземени мерки што значи бројот на извршени сообраќајни контроли и аналогно на тоа бројот на сообраќајните несреќи процентуално се намалува. Годинава споредено со истиот период лани за повеќе од 20 проценти е намален бројот на сообраќајни несреќи, а намaлен е и бројот на жртви во сообраќајот како во Кавадарци, така и во цела Македонија.

Само за илустрација, во септември минатата година сме имале дури 19 жртви во сообраќајот, а годинава овој месец имаме регистрирано пет, изјави Јанкуловска посочувајќи дека целта е бројката на жртви во сообраќајот да се сведе на минимум.

Во секој случај, како што нагласи министерката Јанкулоска ова е една потврда дека – “нашите заложби, нашите секојдневни активности вродија со плод. Веќе ги имаме ефектите и од кампањата и од континуираните зголемени активности на МВР и на превентивен но и на репресивен план. Тоа значи дека возачите треба да бидат свесни дека ако одлучат да не почитуваат некое од правилата, следуваат санкции“.