Македонија

Намален бројот на заболени од грип

Намален бројот на заболени од грип

Од 2 до 8 март во Македонија од грип заболеле 4.318 лица што претставува намалување од 9,7 проценти во однос на претходната недела, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.

Во споредба со бројот на заболени во истата недела од минатата сезона, оваа година се бележи зголемување за 72,6 отсто, исто како и во однос на просечниот број заболени за оваа недела во изминатиот 10-годишен период, при што зголемувањето е за 5,4 пати.

Од почетокот на сезоната 2014/15 до сега вкупниот број на заболени од грип изнесува 22.970 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип, пренесува МИА.

Во споредба со истиот период минатата година, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи во оваа сезона за 6,9 проценти, а во однос на просекот за 10-годишниот период, годинава се регистрира зголемување за 43,6 отсто.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци покажува дека најголем број на заболени лица на месечно ниво се пријавени во февруари – 11.818 или 51,4 проценти од вкупниот број.

Најголем број заболени од сезонски грип во текот на оваа сезона се пријавени на територијата на Скопје 3.954, во Куманово  2.354 и Тетово 2.220.

Највисок морбидитет е регистриран на подрачјето на Кратово, а висок во Дебар, Кавадарци и Свети Николе.

Во однос на возрасните групи, оваа сезона најголем број заболени се пријавени од 15-64 години, а најголем морбидитет е регистриран кај децата на возраст од 5-14 години.

Во текот на 10-тата недела од 2015 година, до Вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје пристигнале 19 материјали за тестирање грип, од кои шест се тестирани како позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, пет инфлуенца Б и еден инфлуенца А нетипизиран.