Намалена видливоста кај Попова Шапка, Стража, Крушево и Буково

Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива по наместа влажни коловози. Слаби врнежи од дожд се бележат на планинските премини Буково и Ѓавато. Магла со видливост од 30 до 40 метри има на Попова Шапка, од 50 до 60 метри на Стража, Крушево и до 100 метри на планинскиот превој Буково.

Локалниот пат од Кратово до село Каврак е прооден по една коловозна лента за патнички моторни возила, а за тешки товарни возила е забранет. Регионалниот пат Пробиштип – ХС „Злетовица“ во село Којково, Кратово, е пробиен и оспособен за сообраќај само за патнички моторни возила.

На патниот правец Крупиште-Пробиштип кај село Неокази, поради појава на вдлабнатина и попуштање на левата коловозна лента, гледано во правец кон Пробиштип-Крупиште, сообраќајот се одвива наизменично, само по десната коловозна лента.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – крак Маврово каде е можна почеста појава на одрони.