Намалени трошоците на живот и цените на мало

Трошоците на живот во август оваа година бележат пад од 0,5 процент, а цените на мало за 0,3 отсто, за разлика од минатиот месец.

Намалувањето на индексот на трошоците на животот од 0,5 отсто во август 2014 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на сувото овошје за 3,1 отсто, свежиот зеленчук за 2,9 отсто, тестенините за 1,1 отсто, конзервираните месни производи за 0,5 отсто, лебот и житариците за 0,3 отсто и преработките од млеко за 0,2 отсто.

Во август, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај централното греење за 10,9 отсто, цврстите горива за 7,0 отсто , гасот за домаќинствата за 2,9 отсто, течните горива и мазива за 2,8 отсто, услугите за сместување за 2,5 отсто, лековите за 1,9 отсто, обувките и апаратите за домаќинствата за 1,1 отсто, облеката за 0,7  отсто, средствата за чистење и одржување на станот за 0,6 отсто, услугите за лична хигиена и средсвата за лична хигиена за 0,4 отсто, мебелот за 0,3 отсто и информатичката опрема за 0,2 отсто.

Пораст на индексот на трошоците на животот во август 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото овошје за 2,5 отсто, конзервираната риба за 1,4 отсто, свежото млеко и мастите за 0,8 отсто, рибата за 0,4 отсто, сувомеснатите производи, конзервираниот зеленчук и шеќер, џем, мед, чоколади и кондиторски производи за 0,3 отсто, трајните колбасичарски производи, конзервираното овошје и алкохолните пијалаци за 0,2 отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај авионски превоз на патници за 23,1 отсто, телефоните и факс апаратите за 4,5 отсто, туристичките-пакет аранжмани за 2,5 отсто, услугите за култура и рекреација за еден отсто, здравствените услуги за 0,7 отсто и телефонските и телеграфските услуги за 0,5 отсто.

Индексот на трошоците на животот во август 2014 година, во споредба со август 2013 година, бележи намалување од 0,5 отсто, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0,8 отсто.