Македонија

Намалени трошоците за испитување на листерија при увоз на храна

Намалени трошоците за испитување на листерија при увоз на храна

Агенцијата за храна и ветeринарство донесе решение со кое излезе во пресрет на операторите со храна и одговори на нивните барања за намалување на трошоците за задолжително испитување на Listeria monocytogenes при увоз.

Новото решение почна да се применува од 8-ми овој месец.

Задолжителното лабораториско испитување на Listeria monocytogenes на пратките од трети земји се врши со претходно групирање на производите по вид, тип на обработка и објект од кој потекнуваат. Мострата за анализа од страна на официјалниот ветеринар или инспекторот за храна се зема од производот кој е количински најмногу застапен.

Според Агенцијата, производите не смеат да се пуштат во промет се до добивање на резултатите од лабораториски испитувања со кои се потврдува нивната безбедност.

– Како одговорна институција за безбедноста на храната и во иднина, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги следи потребите, барањата и правата на потрошувачите и операторите со храна, со единствена цел – обезбедување безбедна храна преку намалување на административните процедури и финансиските трошоци на сите вклучени во синџирот на безбедноста на храната, наведува  АХВ.