Намалено ДДВ за станови и следните три години

Министерството за финансии подготвува измени на законот за ДДВ со кои оданачувањето на градежништвото би останало на ниско ниво од 5%  до 2019, со што би се продолжила оваа антикризна мерка која трае од 2010 година.

Марија Петреска од Стопанската комора изјави дека Министерството за Финансии изготвува измени на законот за ДДВ со кои рокот на оваа антикризна мерка ќе биде продолжен во наредните три години.

Евентуалното зголемување на ДДВ од 5 на 18 отсто, додаде Петреска, би повлекло поскапување на становите за околу 13 проценти, а тоа ќе резултира со намалување на прометот за два до три пати, и намалување на приходите во државниот буџет потенцираше Петреска.
Анализите на комората покажале благ пад на продажбата на станови и нивната цена или квадратот поевтинил за 11 отсто споредено со 2010 година. Но забележано било континуирано зголемување на вредноста на станбените кредити. За 5 години пак граѓаните за купување на стан подигнале кредити во износ од 186 милиони евра.