Намалувањето на невработеноста е главен приоритет на Владата

Стапката на невработеност во Македонија ќе продолжи да се намалува, покажуваат проекциите и на македонските власти и на меѓународните финансиски институции. Комбинацијата од активните мерки за вработување и помошта за домашните фирми, привлекувањето странски инвестиции и реформите во образованието се покажува како главен фактор за динамизирање на пазарот на труд, за отворање нови работни места, за подигнување на стандардот и на квалитетот на животот, пишува Лидер.

Какви се проекциите на надлежните?

Владата за в година очекува да продолжат позитивните движења на пазарот на труд. Растот на вработеноста е проектиран на 1,8 проценти, а ова изразено во бројка изнесува 11 илјади нови работни места. Од Министерството за финансии објаснуваат дека проекциите се базираат на предвиденото зголемување на бројот на вработени во компаниите од слободните економски зони, на активните мерки и на програмите за вработување на Владата, но и како резултат на реализацијата на капиталните проекти. Паралелно, се очекува зголемување на просечната бруто – плата за 1,8 проценти.

-Најголем дел од отворените работни места се генерирани преку проектот „Македонија вработува“ и од компаниите во слободните економски зони. Ова покажува дека со комбинирање на мерките за унапредување на деловното окружување, поттикнување на инвестициите и активните мерки на пазарот на труд, можно е намалување на стапката на невработеност, објаснува министерот за финансии, Кирил Миноски.

ММФ прогнозираше дека странските инвеститори во Македонија во следниве неколку години ќе отворат повеќе од 30 илјади работни места.

-Намалувањето на невработеноста во земјата е главен приоритет на македонската Влада. Во мала и географски затворена економија, единствен начин за намалување на невработеноста е преку влез на инвестиции. Македонија за да привлече странски директни инвестиции нуди добар даночен систем и бизнис – клима и ги прави потребните инвестиции во инфраструктура, посочија од Фондот.

„Бизнис – климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, да продуцираат нови производи и да го зголемуваат извозот, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

.„Македонија вработува 2“ со одлични резултати!

„Македонија вработува 2“ дава одлични резултати. Откако на средината од годинава се реши да се продолжи со проектот, со проекција за нови 15 до 20 илјади нови работни места, веќе се реализирани голем дел од планираните вработувања.

-Досега преку овој проект има 2.960 новоотворени работни места во околу 2.260 компании. Очекуваме овој проект и во наредните неколку месеци да продолжи да го зголемува бројот на отворени работни места и да влијае на развојот на македонските компании. Очекуваме тој да влијае и на намалување на невработеноста со оглед на фактот дека само за неколку месеци се отворени околу 3.000 нови работни места, вели дополнителниот заменик ­- министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.

За споредба, „Македонија вработува 1“ креираше 18.500 нови работни места. Невработените дојдоа до можност за редовно вработување што подразбира стабилни приходи, а компаниите беа ослободени од плаќање персонален данок и социјални придонеси и беа стимулирани да вработуваат и да го прошират бизнисот.

Малите и средните компании имаат голема можност да продолжат на долг рок да вработуваат луѓе, но и на некој начин да ја обезбедат својата долгорочност или водење бизнис на подолг рок“ – објаснува Миле Бошков од Бизнис -конфедерацијата на Македонија.

Најавен влез на нови странски инвестиции!

Надлежните за претстојниот период најавија влез на нови странски инвестиции од различни сектори, од компании од автомобилската индустрија до фирми од железничкиот сектор. Странските компании досега имаат креирано 17 илјади работни места, а до крајот на годинава оваа бројка ќе се искачи на 18 илјади.

-Намалувањето на невработеноста од 38 на 24 проценти е многу важно, бидејќи потоа следи и зголемување на платите. Придобивките од странските компании се и во тоа што тие соработуваат со домашните фирми, на тој начин се раздвижува пазарот на труд, се зголемува извозот, се пласираат пософистицирани производи што не беше случај во минатото, објаснува првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

-Странските директни инвестиции со нивниот влез и новите погони отвораат нови работни места, но не е само тоа, не треба да заборавиме дека тие ја менуваат образовната структура на населението во Македонија, на работната сила, објаснува универзитетскиот професор Томе Неновски.

Како се топеше невработеноста?

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја намали стапката на невработеност на 24%. За потсетување, стапките на невработеност во 2003, 2004 и 2005 година, во времето на СДСМ, изнесуваа 36,7%, 37,2% и 37,3%. Во изминатиов период се отворени 160 илјади нови работни места.

Државниот завод за статистика измери дека невработеноста во вториот квартал од годинава, споредено со истиот период лани, е намалена за 2,8 проценти, што во апсолутни бројки значи дека за една година се отвориле 21 илјада нови работни места.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.