Намалувањето на невработеноста приоритет и во 2015 година

Статистичките податоци за намалување на невработеноста и за растот на македонската економија, покажуваат дека 2014-та е успешна година на економски план. Македонскиот БДП расте со стапка од 4,1% и е меѓу највисоките на европско ниво, додека стапката на невработеност од 29,7% во третиот квартал, иако е намалена на историски најниско ниво, останува главен предизвик за македонската економија и следната година, пишува Лидер.

Со последните најави за влез на странски компании на домашниот пазар, како и проширување на капацитетите на некои од постоечките странски компании, следната година може да се очекува дополнително намалување на стапката на невработеност.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, неодамна посочи дека оваа статистика меѓу другото е резултат и на ефектот од работењето на странските компании во слободните и индустриски зони и дека сето тоа се политики што долги години ги води Владата и кои даваат резултати и во делот на инвестициите и во делот на растот на индустријата и градежништвото и останатите области, но и во намалувањето на невработеноста како клучен приоритет на Владата.

-И во следните години ќе настојуваме да продолжат ваквите позитивни движења. Да има дополнително намалување на невработеноста и да се задржи добриот тренд на раст на македонската економија, изјави Ставрески.

Странските инвестиции отвораат нови работни места

Бројот на вработени во индустриските зони годинава е на ниво од плус 1.000 во однос на лани, за претстојниот период се најавени и нови инвестиции, а постојните компании најавуваат дека растот на производството ќе креира и потреба од нови работници.

Вкупниот број на вработени во компаниите во зоните Скопје 1, Скопје 2 и Штип изнесува 3.500, со што се достигна планираното ниво на вработени за 2014 година. Бројот на вработени секоја година се зголемува, така што во 2015 година само во постојните компании Вистеон, Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Ван Хол, Кемет, Продис, Техно хозе ќе се вработат дополнителни 1.000 луѓе.

Во следната година се очекува бројот на вработени во зоните двојно да се зголеми, бидејќи на терен, Текнохозе ги проширува погоните, италијанската Дијатек ја гради својата фабрика, Техникал Текстил работи на својот објект во зоната во Штип, со регрутирање работници почнуваат ОДВ Електрик, КСС, а со реализација треба да почне и инвестицијата на ВЕИБО, фабрика која ќе донесе огромен број на вработувања, околу 6.000.

Со последно објавените инвестиции на компаниите Гентерм, Капкон и Костaл, беа најавени 2.500 нови работни места за само една недела.

Мерките за вработување даваат резултати

Годишно, од четири до пет илјади граѓани кои учествувале во нашиот оперативен план за активни мерки и програми, остануваат на работа и работат за себе и за своето семејство, велат од Агенцијата за вработување.

Резултатите кои ги даваат мерки за самовработување, субвенционирано вработување, кредити за компании кои ќе отворат нови работни места за млади луѓе, обука кај познат работодавец се очигледни.

Од 2007-та до 2013-та година, вкупно се отворени 5.835 бизниси преку мерката самовработување со грант, од кои 1.812 лица се млади претприемачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.