Намерно предизвикан пожар во Шпанија доведе до евакуација на 1.400 лица

Намерно предизвикан пожар во областа Валенсија, во источна Шпанија беше причина за евакуација на 1.400 лица од одмаралиштата Хавеа и Бенитачел на медитеранскиот брег.

Триста пожарникари со поддршка на авиони го гаснеа пожарот. Постоењето на неколку огништа, според властите, укажува на тоа дека пожарот е намерно запален.

– Тоа е еколошки тероризам, кој е закана не само за природното богатство, тоа е напад врз луѓето, изјави претседателот на Владата на Валенсија, Ксимо Пуиг.

Туристи синоќа требаше да ги напуштат хотелите на Коста Бланка, северно од Аликанте. Тие беа сместени во две училишта.

Над две илјади пожарникари гасат повеќе шумски пожари, кои беснеат и во Португалија, а кои се разгоруваат поради високите температури.

Најсилниот од нив, кој се уште е активен е на две места, во Суре, на околу 20 километри од Коимбра, каде во гаснењето се вклучени и 315 војници, како и хеликоптери и авиони. Двесте и петнаесет пожарникари се борат со друг шумски пожар во Колемејаш, област во Лејрија, кој претставува закана за куќи и други објекти, според градоначалникот Артур Сантуш.

Од почетокот на август во земјата изгореле над 95 илјади хектари шуми. Од почетокот на 2016 година властите веќе уапсиле околу 40 осомничени за предизвикување пожари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.