Специјалното јавно обвинителство на денешната прес-конференција потврди дека нови 37 лица биле вработени во оваа институција во септември годинава. Според информациите во медиумите станува збор за лица блиски до опозициската СДСМ, роднини на членови на опозициската партија, роднини на специјалната обвинителка Катица Јанева.
Се споменуваат имињата на Борче Трајковски познат како Боки Бургија, Бернис Рахиќ, за која, медиумите посочуваат дека е ќерка на Есад Рахиќ, поранешен пратеник на СДСМ, Катерина Рамбабова, ќерка на кандидат за пратеник на СДСМ, Ѓорѓе Делиџаков, според информациите во медиумите, внук на Катица Јанева и Ѓорѓи Камчев, кој според објавените информации, активно учествувал во протестите во организација на Шарената револуција.
Ристовска вели Трајковски бил единствен кој аплицирал за работното место на кое е вработен и ги исполнувал сите услови. „Лицето е примено како лице кое врши технички и помошни работи. И само тој се пријавил на огласот за тоа работно место. Тој ги исполнуваше условите и затоа е примен на работно место“, рече таа.
На прашањето дали ја провериле неговата осудуваност, Ристовска одговори: „Како што ви напоменав, законот предвидува услови кои што се неопходни за едно лице да биде вработено осудуваноста или неосудуваноста не е една од тие услови, туку дали постои забрана тоа лице да врши одредена професија, дејност или должност, за што ние добивме од судот потврда дека таква забрана тоа лице не поседува, рече Ристоска.
Околу вработувањето на споменатото лице во СЈО, како и околу двата случаи кои денеска ги отвори обвинителството, насловени „Топлик“ и „Тендери“, професорката Билјана Ванковска, посочува дека наместо да прераскажуваат телефонски разговори, СЈО треба да презентира цврсти докази пред судот.
„За денешната прес-конференција на СЈО може да се кажат многу нешта, но овде ќе си дозволам најнапред еден сосема личен коментар. Дознав дека оној Боки Бургија, откако во колумна ме опиша како Бети Буп на многу недоличен начин, како одговор на мојата посветена на Каламити Џејн, добил работа од онаа која не личи на Бети Буп. Шегата на страна, сакав да верувам дека е ова афера на Куририте и така ќе ми беше полесно да верувам во непристрасноста на СЈО. За двата нови случаи немам што да кажам, освен дека посакувам освен прераскажување на телефонски разговори од страна на Фатиме, да презентираат цврсти докази пред судот и виновните да оговараат за корупција и злоупотреба на службена должност“, реагираше Ванковска на својот профил на Фејсбук, изразувајќи незадоволство од работата на оваа институција.
Медиумите вчера објавија дека Борче Трајковски, во повеќе наврати, бил дел од протестите на СДСМ и говорел на нивните партиски собири. Трајковски е автор и на голем број колумни во кои можат да се прочитаат критички зборови за владејачката партија, а освен тоа е осудуван за измама и за потешки дела од областа на безбедноста во сообраќајот, но и покрај тоа тој без никаков проблем доби вработување во Специјалното јавно обвинителство, институција која се плаќа од парите на граѓаните и која согласно закон треба да гони криминалци.
Ова не е прв случај на вработување и ангажирање на партиски кадри или пак лица кои важат за поддржувачи на СДСМ. Серија “експерти“ се на платниот список на СЈО, а голем број партиски кадри на СДСМ платата ја добиваат од Катица Јанева, што отвора простор за сомневање дека опозициската партија се финансира преку ова обвинителството.
И според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски постојат сериозни индикации дека Јанева е инструмент на СДСМ.
„Проблемот е тоа што не знам колку беше среќен изборот на носителот на таа функција Специјален јавен обвинител, затоа што има сериозни индиции коишто, за жал, обвинителката не успеа да ги оттргне од себе во изминатиот период, за некаква координација со одредени опозициски политички субјекти. Сега за сега таа не успеа да се оттргне од тоа поврзување. А сепак, таа е лицето, како што е лидерот на партијата лицето на политичката партија, така и Катица Јанева е лицето на СЈО. Мора да се потруди многу повеќе да ги оттргне сите оние индиции дека на некој начин, наместо да биде Специјален јавен обвинител којшто нема да ја засегаат политичките интриги и прашања, таа да биде главен инструмент или механизам во кампањата на СДСМ“, смета Божиновски.
Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.