Наместо кирија, плаќај рата за свое

Поволните услови, ниските камати за становите и куќите во проектот „Купи куќа – купи стан“, им овозможија на многу млади двојки да добијат можност да купат недвижен имот, што значи сигурност и лична сопственост, пишува Република. Тоа ги отвора вратите за проширување на семејствата бидејќи секој добива услови за поголем простор за себе и за децата. Тоа за што многу млади само сонуваа, сега добива реални димензии и облици.

Тоа за што многумина само сонуваа, сопствено парче станбен простор, сега станува реалност. Луѓето почнаа да си го решаваат животното прашање. Со последното намалување на каматната стапка на субвенционираните станбени кредити, купувањето стан или куќа уште повеќе се приближува до граѓаните. Имено, ако претходно кредитите се нудеа со камата од 4,99 процени, со измените на Законот за субвенционирање станбен кредит граѓаните добија можност да се задолжат за станбен кредит со камата од 3,95 проценти за првите три години од отплатата на кредитот и од 4,44 проценти наместо 5,5 проценти за четвртата и за петтата година за моделот според кој се субвенционира дел од месечниот ануитет.

plocki

„Кај вториот модел субвенционирање на дел од учеството, според кој Владата плаќа 50 проценти од учеството потребно за добивање кредит за стан, односно 75 проценти за куќа, каматната стапка ќе биде шестмесечна, плус 4,5-процентни поени за сето време на траење на исплатата на кредитот“, појаснува заменик-министерот за финансии, Ардијан Џеладини.

Според премиерот Никола Груевски, по основа на намалување на каматите, граѓаните може да заштедат до 3.000 евра.

„Со ова намалување, граѓаните што ќе се одлучат да го искористат проектот за да си обезбедат дом ќе имаат заштеда од 2 до 3.000 евра во однос на каматите“, изјави Груевски, според кого со извршеното олеснување на условите проектот станува поатрактивен за заинтересираните.

Според податоците на Министерството за финансии, од почетокот на реализацијата на проектот до почетокот на јули годинава се донесени 307 одлуки за субвенциониран станбен кредит. Од нив, 238 се за моделот субвенции на ануитет, а останатите за субвенционирање на учеството. 263 апликации се за купување стан, а 44 се субвенции за изградба на куќа. Од Министерството нагласуваат дека очекуваат со најновите измени дополнително да се зголеми интересот кај граѓаните за субвенционираните станбени кредити.

Граѓаните, пак, се повеќе од задоволни.

„По неколку години живеење под кирија, конечно купивме сопствен стан. Кога мислевме дека е невозможно да имаме нешто свое и дека немаме услови да го прошириме нашето семејство, излезе проектот „Купи куќа – купи стан“. На почетокот се двоумевме дали да аплицираме, па условите да не се лага, ама на крајот се охрабривме за овој чекор и еве сега имаме свој дом, а и детето е на пат. Зошто да фрламе пари за кирија кога сега можеме да даваме пари за рата за нешто што е наше и нешто што ќе можеме да им го оставиме на децата“, вели скопјанката Елена К.

На групата задоволни граѓани им се придружуваат и други.

„По години живеење под кирија, бевме во недоумица што понатаму. Детето растеше, сакаше свој простор, а ние не бевме во можност да му го обезбедиме. Бевме свесни дека парите за кирија се пари фрлени во ветер, но немавме каде. Немавме пари, не бевме од Скопје, а тука работиме. Според сите калкулации, ако земевме од комерцијалните станови, ќе требаше да плаќаме по најмалку 15.000 денари рата, а каде се останатите трошоци? Таквата авантура за нас беше неизводлива. Кога првпат беше промовиран проектот на Владата за станбени кредити, влеговме во еуфорија дека и ние можеме да купиме стан на таков начин, но потоа спласнавме бидејќи условите некако ни се видоа недостижни. Почекавме. Владата ги олабави условите и сега ни сами не сме свесни како, но дојдовме до свој стан. Владата ни плати дел од учеството, нешто ние собравме, па сега плаќаме рати, но наместо 15.000 денари, плаќаме половина од таа сума и пресреќни сме. Сега секој во семејството има свое катче за живот, одмор, дружење, а на крајот на денот сите сме заедно“, ја завршува својата животна приказна семејството Николовски.

Инаку, пред само неколку месеци Владата ги смени на подобро условите за аплицирање за субвенциониран станбен кредит, кои се однесуваат на зголемување на вкупниот приход на семејствата за учество во проектот, да може да купат куќа или стан наследници на идеален дел од имот и можноста да се продаде стан и да се купи поголема куќа или да се продаде куќа за да се купи поголем стан.

94804579

„Станува збор за три позначајни измени, односно се зголеми приходот со кој се дозволува учество во проектот. До скоро, било да се работи за поединец било за семејство, вкупниот месечен приход беше 900 евра, сега за брачна заедница вкупниот приход е 1.300 евра, при што за поединец останува приходот од 900 евра. Притоа, под приходот се подразбира само приходот од плата, а не и дополнителни надоместоци“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Другата измена е да може да аплицираат лица што наследиле половина или помалку од половина од имот.

„На пример, двајца браќа или сестри што наследиле куќа досега не можеа да учествуваат во проектот. Се бараше да склучат претходно договор, да се усогласат за условите, така што одеше тешко и фактички не можеа да учествуваат во проектот. Сега им даваме можност на лицата што по основа на наследство стекнале идеална половина или помалку од половина да можат да учествуваат во проектот и да не мора претходно да го продаваат својот дел“, додаде Ставрески.

Третата измена се однесува на можноста за проектот да може да аплицираат лица што сакаат да го продадат станот и да купат поголем стан или куќата да ја заменат за поголема куќа. Сега веќе може да се направи и замена на стан за поголема куќа или куќа за поголем стан. Воедно се овозможува субвенциониран кредит да добијат лица што сакаат да направат надградба на куќа, со тоа што правото на градба ќе му се пренесе на тој што аплицирал за субвенционираниот кредит.

Со сите измени и подобрувања на проектот им се излегува во пресрет на граѓаните, кои добиваат олеснети услови за аплицирање, па се очекува поголем број лица да се вклучат во проектот.
Другите услови се исти. Заинтересираните аплицираат за два модела – „Рата“ и „Учество“. Државата плаќа 50 проценти од месечната рата за кредит за стан или 75 проценти за кредит за куќа, или, пак, дава 50 проценти од учеството за купување стан или 75 проценти од учеството за купување, градење, надградување или доградување куќа. За стан би добиле неповратни средства до 10.000 евра, а за куќа 15.000 евра.

Најголем интерес за купување станбен простор со помош на субвенционираните кредити од Владата има во Скопје, во општините Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, потоа во Струмица, Битола, Прилеп, Куманово и во Гевгелија, каде што условите на градба може да се вклопат во условите на кредитот.

Апликации за проектот се поднесуваат до една од осумте деловни банки што учествуваат во проектот „Купи куќа – купи стан“, односно НЛБ Тутунска, Стопанска банка – Скопје, Стопанска банка – Битола, Шпаркасе, Охридска банка, Прокредит банка, ТТК и Алфа банка.

На граѓаните им се на располагање евтини станови од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор кои може да ги купат преку владиниот проект „Купи куќа – купи стан“. Во моментов во Реонскиот центар Аеродром, ова акционерско друштво располага со 150 слободни стана, чија цена за квадратен метар се движи околу 795 евра, односно е под 900 евра, што се вклопува во пресметките за „Купи куќа – купи стан“. Локацијата на становите е одлична, во урбана населба на десетина минути од центарот на Скопје, со училиште, градинка, зеленило и сѐ што е потребно за нормално урбано живеење.

Покрај во Реонскиот центар, државното претпријатие гради станови и во Прилеп, Битола, Охрид, Кавадарци, Штип, Струмица, Пехчево. Има на располагање станови што може да се купат по цена меѓу 300 и 600 евра по квадратен метар, што навистина е извонредна понуда.

Во проектот „Купи куќа – купи стан“ е вклучена и понудата на куќи. „Хот и хот“ нуди куќи во Радишани, во Соње, а се очекува и понуда во Хиподром и во Илинден, што значи дека граѓаните што сакаат да направат куќа или да стекнат сопствена куќа може да го направат тоа под многу поволни услови, со што ќе го решат своето животно прашање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.