Наместо отцепување, Лабуристите нудат нов договор со Шкотска

Лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, Ед Милибанд им понуди на шкотските гласачи нов договор за унапредување на деволуцијата (префрлање на овластувањата, од Лондон на Единбург), доколку лабуристите победат на парламентарните избори во Велика Британија, предвидени за мај идната година.

Со новиот договор, што лабуристите ветуваат дека ќе го постигнат веднаш по нивната евентуална изборна победа, се предвидуваат нови овластувања за Парламентот во Единбург, посебно во секторот на оданочувањето, на бенефициите во домувањето и програмите за работа.

Според Милибанд, кој зборување на еден собир во Данди, натамошното доуредување на процесто на деволуцијата, се уште е желба на поголемиот број Шкотланѓани, наспроти референдумот за отцепување на Шкотска од Обединетото Кралство.

Одлуката за деволуцијата  и обновата на работата на шкотскиот Парламент, ја донесе првата лабуристичка влада на Тони Блер, веднаш по победата на изборите во 1997 год.

„Ние како партија и сега сме посветени на деволуцијата, овојпат со план за реафирмација на целиот тој процес,“ изјави Милибанд.

Лабуристите 50 години управуваа со Шкотска, која важеше за упориште на оваа британска партија. На изборите во 2007 година, првпат победи сепаратистичката Шкотска национална патртија (СНП), со само еден пратеник повеќе во локалниот Парламент.

Оваа партија победи и на изборите во 2011 година, овојпат убедливо, што и овозможи да покрене процес за референдум за независност.

Референдумот се одржува на 18 септември годинава и на него гласачите ќе треба да одлучат само за тоа дали сакаат нивната земја да стане независна држава.

Лабуристите и сега имаат многу повисок углед од конзервативците на премиерот Дејвид Камерон, па се верува дека тие може да одиграат значајна улога при определувањето на Шкотланѓаните, за независност или за зголемување на овластувањата на Парламентот во Единбург.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.