Наместо со четиривалентни, вакцинираат против ХПВ со двовалентни

Родителите реагираат и не сакаат да ги вакцинираат децата против ХПВ бидејќи во одделите за имунизација на деца од училишта возраст, наместо четиривалентните вакцини кои штитат од 4 типови на вирусот, се даваат двовалентните, кои штитат само од два типа.

Ова е и флаерот којшто се наоѓа на страната на  Министерството за здравство каде е јасно објаснето дека вакцинирањето се врши со четиривалентната.

 

Во јуни 2006 година е лиценцирана и пуштена во употреба првата вакцина против ХПВ  инфекции, којашто предизвика голем  број реакции кај родителите кои најчесто одбираат да не го вакцинираат своето дете, поради страв или неинформираност, потврдуваат светските анализи. Иако повеќе од 10 милиони  деца се вакцинирани на светско ниво, оваа вакцина е една од најнепопуларните во Македонија.

Но, родителите во Македонија можеби и реагираат со право, бидејќи здравствените институции не се потрудија да ја информираат јавноста доволно за користа од оваа вакцина, се вели во реакцијата на една мајка на 12 годишно девојче. Според искуството што ги сподели таа, процесот на имунизација за ХПВ во нашите медицински установи вакцината е навистина збунувачки и наведува два пати да размислиш која одлука да ја донесеш.

Во нашето одделение само три мајки потпишавме согласност за вакцинирање на нашите ќерки, но кога ја видов вакцината  Cevarix  дека е двовалентна ја повлеков согласноста и не дозволив моето дете да ја прими вакцината бидејќи докторката не одговори на моите прашања зошто вакцината не е четиривалентна како што бев претходно информирана, го извади упатството и пред мене читаше и ми одговори со зборовите „Не знам“ –  вели мајката за нашата редакција.

Таа објасни дека подоцна се јавила во Министерството  за здравство од каде ја поврзале со докторка одговорна за овие прашања и во телефонски разговор таа и објаснила дека до пред две години вакцината била четиривалентна, ама на последниот тендер ја одбрале двовалентната.

Точно ги знам ризиците од ХПВ инфекција, но не сум задоволна од нашиот здравствен систем, секаде во светот се форсира превенција посебно од високоричините  вируси, во многу земји се вакцинираат и машки деца, бидејќи мажите се најголеми преносители на вирусот,  кај нас девојчињата се вакцинираат со вакцина што штити само од два типа од над 22 високорични вируси.  Не добив информации од надлежните ниту дали има ревакцинација – објаснува мајката.

Oд Министерството за здравство тврдат дека стратешка определба е превенцијата од појава на карцином на грло на матка. Токму и двата типа на вакцини двовелентната и четиривалентната вакцина штитат од појава на карцином на грло на матка т.е  содржат заштита против типовите на  ХПВ вирус 16 и 18, кои воедно се и меѓу најчестите предизвикувачи на карцином на грло на матка.

Во Програмата за задолжителна имунизација на населението е нотирано дека задолжителната активна имунизација против инфекции причинети од хуман папилома вируси (ХПВ) се врши со давање две дози на вакцина против хуман папилома вируси (ХПВ вакцина) на женски деца на 12-годишна возраст, односно на сите девојчиња во шестото одделение од основното образование.

Сепак според светските анализи  постои голема разлика меѓу двовалентаната ( Cevarix) и четиривалентната(Gardasil) вакцина, бидејќи втората штити и од типовите 6 и 11 кои предизвикуваат генитални брадавици, а со неа може да се вакцинира и машката популација од  9-26 години. Од 2014 година е лиценцирана од страна на ФДА и препорачана од Светскиот комитет  за имунизација деветвалентната вакцина  Gardasil 9 која штити од 16,18, 6, 11 и други 5 ХПВ поттипови 31,33, 45, 52 и 58.

Од Министерството за здравство тврдат дека деветвалентната вакцина за ХПВ е проект кој се спроведува преку Канцер институтот од Америка, во моментот се доставуваат сите потребни податоци и до крајот на годината ќе се знае дали нашата земја ќе биде една од петте земји што ќе ја добие новата деветвалентна вакцина во рамки на проектот.

Цената на една доза е околу 5000 Денари (15.000 Денари за сите три дози). Кај нас в акцината е  бесплатна за сите девојки на возраст од 9 – 26 години. Вакцината се дава во три дози во период од 6 месеци. Втората и третата доза се даваат после 2 и 6 месеци од давањето на првата доза.

Според гинеколозите вакцината не штити од сите видови на ХПВ кои предизвикуваат рак на грлото на матката, што значи дека вакцинираните жени и понатаму се под ризик за добивање рак на грлото на матката. Исто така ако не се примат сите три дози на вакцината или ако не се примат во право време, заштитата нема да биде потполна. Ако жената е веќе заразена со некој од четирите вида ХПВ содржани во вакцината, заштитата нема да биде потполна.

 

 

Четиривалентната вакцина е 100 проценти ефикасна

Студиите укажуваат дека четиривалентната вакцина е скоро 100 проценти ефикасна во спречување на болест предизвикана од четирите подтипа на ХПВ кои се содржат во вакцината – вклучувајќи ги предраковите промени на грлото на матката, вулвата, вагината и гениталните брадавици. Вакцината е најмногу истражувана кај млади девојки кој не биле во допир со било кој од четирите подтипови ХПВ содржани во вакцината. Вакцината е помалку ефикасна кај оние девојки кои веќе биле изложени на некој од подтиповите ХПВ кој се содржат во вакцината.

Вакцината не ја лекува и постоечката ХПВ инфекција, не ги лечи гениталните брадавици, нити ги лечи предраковните или раковните промени предизвикани од ХПВ.
Досега не е познато времетраењето на заштитата (имунитетот) после вакцинирањето. Истражувањата ги следеле жените до 5 години и откриле дека заштитата е сеуште присутна. Потребни се понатамошни истражувања да се открие колку точно трае заштитата и дали е потребна ревакцина.

Вакцината не штити од останатите ХПВ поттипови

Бидејќи вакцината штити само од четири ХПВ подтипови, таа нема да не заштити од преостанатите подтипови ХПВ кои можат да предизвикуваат рак на грлото на матката или од сите видови на брадавици. Околу 30% ракови на грлото на матката нема да бидат спречени со примање на вакцината, така што жената ќе мора и понатаму да има скрининг за рак на грлото на матката (редовни ПАП тестови). Исто така вакцината не дава заштита за околу 10 проценти од гениталните брадавици – нити пак ќе спречи други сексуално преносливи инфекции. Затоа е многу важно сексуално активните девојки/жени и понатаму да бидат свесни дека со примање на вакцината опасноста не е помината и дека тие можат да бидат заразени со преостанатите видови на ХПВ а исто така и со други сексуално преносливи болести.

Тестирана е на илјадници девојки/жени

Вакцината е лиценцирана од авторитетната ФДА агенцијата на САД како сигурна и ефикасна. Таа е тестирана на илјадници девојки/жени на возраст од 9 – 26 години во целиот свет. Испитувањата не покажале сериозни споредни ефекти. Најчест спореден ефект е болка во раката, односно на местото на ставање на вакцината. Во последно време има известувања дека некои од девојките кои примиле вакцина, омалаксуваат или паѓаат во несвест. Поради тоа се советува тие да поседат во здравствената установа околу 15 минути по добивање на вакцината . Состојбата во врска со споредните ефекти на вакцината редовно се следи и е под постојан мониторинг на најрелевантните институции во светот.
Вакцината е направена од протеини на надворешната обвивка на вирусот (ХПВ). Нема инфективен материјал во оваа вакцина.