Наместо со книги, децата ни шетаат со ножеви!

Низа крвави инциденти, во најголем дел меѓу средношколци го одбележаа изминатиов месец, меѓутоа злосторствата продолжија веднаш и на почетокот на декември.

Немил настан ја потресе јавноста вчеравечер, кога дваесетгодишен скопјанец беше прободен со нож  во близина на трговскиот центар Скопје Сити Мол. Настраданиот В.Ќ. и неговиот брат С.Ќ.(23) вчера сообраќале со својот автомобил „голф“, кога одеднаш биле престретнати од друго возило, од кое излегле две непознати лица и ги нападнале браќата. По физичката пресметка еден од напаѓачите извадил нож и го прободел дваесетгодишникот по телото и главата. Поради сериозноста на повредите момчето веднаш било пренесено во Ургентниот центар.

Кон крајот на месецот ноември ученик од средното училиште Здравко Цветковски ГУЦ беше прободено со нож од петнаесетгодишен малолетник во ТЦ Лептокарија. Ученикот од македонска националност се здобил со повреди во пределот на рамото, а напаѓачот кој е од село Грчец и има само 15 години добил соодветна кривична пријава.

Не цела недела пред инцидентот во Лептокарија граѓаните ги потресе обид за убиство пред ТЦ Капитол Мол во скопски Аеродром. Поради меѓусебна нетрпеливост дваесет и деветгодишно момче со нож прободе две лица. Поради преходно нерасчистени сметки и јавно упатувани закани Е.С. (29)и Б.Ј.(40) закажале средба пред трговскиот центар за да ги решат несогласувањата. Двајцата дошле со по уште едно лице, а откако настанала меѓусебна расправија која прераснала во тепачка, дваесет и девегодишното момче извадило ножици и ги ранило двајцата противници.

Наредната ноќ, пак, на 22. ноември Аеродромци беа вознемирени од уште еден немил настан кој за малку не заврши фатално. Дваесет и тригодишниот Даниел Б. беше прободен со нож додека со својот пријател одел кон кејот на Вардар за да џогира. Даниел Б.(23) и Стефан Р.(22) виделе момче како лежи на земја во алкохолизирана состојба, а кога се обиделе да му помогнат, тој ги нападнал со нож и на двете момчиња им нанел убодни рани. Поради тешките повреди со кои се здобил Даниел беше во критична состојба и дишеше на апарати. Неговата состојба сега е стабилна, а осумнаесетгодишниот напаѓач Д.Р. од Скопје, кој веќе и бил познат на полицијата ќе одговара за убиство во обид, иако во полиција негирал дека го извршил делото.

Седумнаесетгодишен гостиварец како од шала на 24. ноември прободе тројца соуеници поради банална расправија. Тројцата ученици настрадале во обид да одбранат соученичка од Врапчиште, која претходно се расправала со напаѓачот. Малолетникот е веднаш приведен во полиција.

Обид за убиство минатата недела, се случи и во гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово, кога ученик од трета година беше прободен во пределот на грбот и вратот. До инцидентот дошло кога група ученици и други луѓе влегле во дворот на објектот во кој настава следат македонските средношколци и нападнале неколку ученици. Еден од нив извадил нож и го прободел средношколецот три пати, два пати во грбот и еднаш во вратот. Приведено е едно лице кое е осомничено за нападот.

Од вчера учениците на оваа гимназија и на други училишта и нивните родители ја бојкотираат наставата, барајќи како што велат основни безбедни услови за следење на наставата.

Тие бараат осуда на обидот за убиство од сите релевантни структури, како и одговорност од надлежните органи и соодветни казни за напаѓачите и за одговорните.

Освен тоа родителите бараат и конечно реализирање на нивното барање за дислокација во соодветни простории на македонските паралелки од гимназијата. Бараме елементарни услови за следење на наставата, едногласни се родителите.

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.