Наместо во Собрание, на „бомби“, а платата им е висока и редовна!

За плати за пратениците од опозицијата, кои си поднесоа оставки на функциите веднаш по нивниот избор, само до ноември, минатата година, од буџетската каса се излејаа 186.000 евра на нивните сметки. Нема точни информации колку точно пари им се исплатени по основ на плати досега. Тие присуствуваат речиси на сите т.н. „бомби“ во седиштето на СДСМ, но не и во Собранието од каде земаат плати.

Парадоксално, токму „големите патриоти“, односно луѓето што се заложуваат за таканаречено „изнесување на вистината за Македонија“, од една страна обвинуваат за криминал и нечесност, а од друга страна пак, не се откажуваат од платите што ги добиваат од Собранието.

Дел од пратениците од опозицијата се речиси секогаш присутни на прес – конференциите во СДСМ, како во редовите зад лидерот на партијата, така и во толпата во позадина, но не и таму каде што народот ги гласал да бидат и да ги застапуваат неговите интереси – во Собранието.

Иако, досега сите поважни институции во рамки на меѓународната заедница повикаа опозицијата да се врати во Собранието и таму да се води дебатата и да се престане со објавување на креираните снимки, очигледно пратениците од опозицијата немаат намера да го направат тоа, а уште помалку имаат намера да се откажат од високите пратенички плати.

Оттука, паѓаат во вода тврдењата на опозицијата дека тие се заложуваат за подобра егзистенција на народот.

Постојано обвинуваат за наводен криминал, со што била оштетена буџетската каса, а под превезот на лажниот патриотизам не ги споменуваат енормно високите плати, кои што ги добиваат редовно, иако воопшто и не одат на работа.

Уште повеќе, во јавноста сеуште нема информации колку точно пари досега се излеале од буџетската каса по основ на плати за пратениците од опозицијата, или за колкав износ ја оштетиле државата со нивното неработење.