Наместо зад решетки, насилниците кон животни поминуваат со прекршочни пријави

Иако според Кривичниот законик на Република Македонија, малтретирањето на животните е дело за кое се предвидува едногодишна казна затвор, сепак само мал дел од ваквите случаи добиваат правна разрешница.

Последен во низата инциденти од овој карактер беше настанот од Кочани во кој 35-годишен маж брутално измачувал и убивал животни. Според информациите кои во изјава за Нетпрес ни ги дадоа од Анима Мунди, станува збор за човек со прихолошки нарушувања поради што нереално е да се очекува правна разрешница на случајот. Наместо тоа, државата ќе се погрижи за негово лекување во соодветна установа.

Инаку,  во членот 233 од Кривичниот законик, стои дека секое малтретирање врз кучиња и секое друго животно, предвидена е максимална казна до една година затвор, или парична казна, за оној сторител за против кого ќе биде докажано дека го сторил ова тешко кривично дело, односно, малтретирање, мачење, односно било што кое ќе предизвика било каков вид на болка и страдање на самото животно.

Во изминатите неколку години, од страна на Анима Мунди се поднесени над 20тина кривични пријави за сторители кои имаат нехуман однос кон животните. Во најголем дел од случаите, сторителите поминале несанкционирани, пред се поради фактот што овие пријави биле поднесени против непознати сторители.

-Секогаш кога има масовни труења на животни ние поднесуваме кривични пријави за непознат сторител. Во таква ситуација е тешко да се казни виновникот. Сторителите на ваквите злодела најчесто поминуваат со прекршочна пријава, велат од Анима Мунди.

Како што информираат оттаму, само две лица до сега заработиле условна казна во времетраење од шест месеци и 15.000 денари парична казна.

-Ние се бориме за построга санкција на насилниците кон животни но до сега никој не издржал едногодишна затворска казна за ова кривично дело.

Дополнителен проблем при решавањето на овие случаи е и тоа што во Македонија не постои регистар за овој тип насилници.

За сега, единствено здржуженијата за заштита на животни низ целата држава самостојно  водат евиденција за сторителите на овој тип на дела, по што по потреба, поднесуваат соодветна пријава за некој од сторителите.

Во исто време, тие апелираат за похуман третман кон животните и најавуваат дека ќе продолжат со заложбите за построга санкција на овие кривични дела од страна на надлежните органи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.