Нами: Грците имаат извонредни тактики на преговарање со одложување, запирање, уценување

Преговараме веќе 50 години во Обединетите нации, но Грците со помош на ЕУ не изигруваат, а ќе ја изиграат и Македонија, вели меѓу другото во интервју за МИА, Ездил Нами, министер за надворешни работи на Турската Република Северен Кипар.  

И покрај тоа што со екс-генералниот секретар на ООН Кофи Анан, кипарските Турци се согласија на договор со своите грчки сограѓани за обединување на Кипар, Грците пред десет години го изиграа договорот и според екс-комесарот за проширување, Ферхојген, со лага и измама го внесоа јужниот дел на Кипар во Европската унија.

За проблемите со кои се соочува Турската Република Северен Кипар при негирањето на нејзиното постоење со Резолуција на Советот за безбедност на ООН, за петдецениските преговори со кипарските Грци и нивните тактики, како и за тоа што може да ја очекува Македонија која „само” 20 години преговара под капата на Обединетите нации со Грција, шефот на дипломатијата на Северен Кипар Ездил Нами говори во интервјуто за МИА.

На прашањето за процесот на проширување и за тоа какво е искуството на Северен Кипар со Грците, односно какви се нивните сознанија во однос на тоа кој им ја дава сета сила да го прават тоа што го прават на Македонија, на Турција, на Северен Кипар, Нами ќе рече:

– Тоа е тешко прашање. Фактот дека Грција е веќе членка на ЕУ, кажува многу и е важен фактор. Не сум експерт за македонскиот случај, но во случајот со Турција, има многу земји во Унијата кои се плашат од членство на Турција во ЕУ и не сакаат тоа да се случи, па ги користат грчките Кипрани како алатка да го блокираат пристапниот процес на Турција. Причината е што тие знаат додека постои кипарскиот проблем, Турција нема да може да влезе во Европската унија, па затоа ја поддржуваат Владата на грчките Кипрани. Ја играат оваа игра, со цел кипарскиот проблем да остане нерешен, а турското пристапување кон ЕУ да остане заклучено. За несреќа, како што кажав, ова не е фер, не е врз основа на правдата. Како и да е, повеќето од земјите-членки придонесуваат кон таква нефер политика.

Во однос на прашањето за тоа на што може Македонија да се надева по 20-годишните преговори и дали воопшто може да се постигне договор со Грците во рамки на ООН што тие потоа би го почитувале, Нами вели дека тоа е тешко прашање.

– Причината е што ние само што комплетиравме 50 години од преговори со нив во рамки на Обединетите нации. Тоа е половина век и велиме доста е! Ве советувам да не се надевате многу и жал ми е што ова го кажувам. Но, во кипарскиот случај, генералниот секретар на ООН рече дека ова е игра без крај и дека преговорите не може вечно да траат. Се надеваме дека ќе има уште еден последен обид во рамки на Обединетите нации и потоа да заврши целиот овој процес.

Тој на Македонија и на одбраните политички власти во земјата им препорачува да одлучат во кој правец е најдобро да се движи земјата.

– Од нашето искуство, јас не би се потпирал многу на Обединетите нации и нивните преговарачи. Сепак, факт е дека ЕУ и меѓународната заедница се однесуваат неправедно кон Македонија, а Грците, пак, имаат извонредни тактики на преговарање со подместување, одложување, запирање, уценување и ред други работи. Едноставно, треба да размислите дали треба да чекате и да бидете уценувани за прием во ЕУ и НАТО. Македонија е една горда земја, со длабока и долга историја со која секој во светот би се гордеел и треба да си го чувате тој углед. Плус, вие сте членка на Обединетите нации, признати од целиот свет, а дури и со уставното име Република Македонија сте признати од две третини од земјите на планета. Не верувам дека нешто ќе се договорите со Грците во рамки на Обединетите нации и можеби е подобро да се концентрирате на билатералните односи со земјите во светот, зацврстување и продлабочување на истите, да ги следите светските текови и да обезбедите добри услови за економски инвестиции, што знам дека го имате со владината политика на вашата земја.  Имате многу пријатели во светот, светот е голем и нуди многу можности за соработка. Меѓу најголемите пријатели ви е Турција, па искористете го тоа за да ги направите условите за живот на македонскиот народ подобри, да создадете силна економија и да не зависите од оние кои ве уценуваат.

Ездил Нами е министер за надворешни работи на Турската Република Кипар од 2013 година. Пред 47 години, тој е роден во Лондон како дете на кипарски емигранти. Има дипломирано за бизнис-амдинистрација на Универзитетот во Истанбул, а магистрирал на истата тема на славниот Универзитет “Беркли” во Калифорнија (САД). Од 1999 година, Нами започнува со политички ангажман во рамки на ТРНК, каде најпрво бил советник на тогашниот претседател Рауф Бенкташ, а потоа бил претставник на Северен Кипар во Парламентарното Собрание на Советот на Европа (2004-2008), специјален претставник на претседателот Талат во преговорите водени од Обединетите нации за решавање на кипарското прашање (2008 – 2010)и потпретседател на Комитетот на ЕУ за хармонизација во Собранието на Турската Република Северен Кипар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.