Напади во Анкара: Најмалку 35 лица загинаа

Најмалку 35 лица загинаа и 125 се повредени во синоќешниот бомбашки напад во центарот во Анкара. Експлозијата се случи синоќа во 18 часот и 35 минути во близина на централниот Гевен парк. По експлозијата се слушнале истрели.

Како што пренесува МИА, за нападот се уште никој не презел одговорност, а неимнуван владин претставник изјави дека зад нападот стои Курдската работничка партија или група поврзана со неа. Областа е евакуирана поради страв од нови напади.

Според приватната телевизија НТВ експлодирал автомобил, додека ТРТ јави дека експлозијата уследи по судир на автомобил и автобус во кој имало околу 20 лица.

Турскиот весник „Хуријет“ пишува дека САД пред три дена ги предупреди своите државјани од евентуален терористички напад во Анкара.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд го осуди нападот истакнувајќи дека терористичките напади претставуваат напад „врз сите наши европски вредности, врз сите нас“.

Портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби осудувајќи го нападот истакна дека САД „го потврдуваат силното партнерство со својот НАТО сојузник Турција во борба против заедничката закана – тероризмот“.

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека е вџашен од нападот во Анкара, додека шефот на француската дипломатија Жан-Марк Еро нападот го нарече кукавички чин.