Нападнат колеџ во Кенија – двајца убиени и над 30 ранети

Вооружени напаѓачи рано утринава упаднале во колеџ во местото Гариса, на исток од Кенија, пукајќи кон сите пред себе во хостелите од кампусот, при што најмалку две лица се убиени, а десетици се ранети, јавија кениските медиуми, објави МИА.

Постојат наводи дека вооружените напаѓачи земале и заложници, но тие се уште не се потврдени, јави Би-Би-Си.

Светските медиуми пренесуваат различни информации за бројот на ранети, од седум како што наведува Си-Ен-Ен, па се до 30. Повредените биле префрлени во болница, а од нив четворица се во тешка состојба, пренесуваат кениските медиуми, повикувајќи се на кенискиот Црвен крст.

Од зградата на колеџот, што е опколена од припадници на полицијата и војската, можат да се слушнат пукања и експлозии, пренесуваат американските медиуми, повикувајќи се на полициски извори.

Засега ниту една терористичка група не ја презеде одговорноста за нападот, но сомалиските милитанти од групата ал-Шабаб во изминатите четири години често пати изведуваа напади во Кенија, наведува Би-Би-Си.

Кениската Национална полициска служба соопшти дека вооружените напаѓачи упаднале во кампусот пукајќи прво во чуварите, по што дошло до жестока размена на оган со полицајците кои ги обезбедуваат студентските хостели. Напаѓачите, сепак, успеале да влезат во универзитетскиот комплекс.

Очевидци за локалните медиуми изјавија дека напаѓачите упаднале во џамијата на колеџот за време на утринската молитва.

Од една од зградите во рамки на комплексот излегувал чад, наведуваат очевидци.

Гариса, која се наоѓа на 150 километри од границата со Сомалија, населена е со голем број кениски Сомалијци, потсетува Би-Би-Си.

Сомалиската исламистичка група ал-Шабаб претходно организираше повеќе напади во Гариса и ширум Кенија, почнувајќи од 2011 година, вклучувајќи го и најтрагичниот напад врз трговскиот центар „Вестгејт“ во престолнината Најроби во 2013 година, кога беа убиени 67 лица.

Тие организираа напади како чин на одмазда заради тоа што Кенија испраќаше свои војници во соседна Сомалија.

Ал-Шабаб се бори за создавање исламска држава во Сомалија, а САД и Велика Британија ја забранија како терористичка група.